Македонија
14. April 2019 - 11:52

Како да се подобри функционирањето на месните заедници

Месните заедници како форма на локално организирање на населението и како начин на решавање локални проблеми во селата функционираат повеќе од 100 години, како што велат некои мештани, уште од турскиот период.

За жал, во последните години сè побројни се обидите за уништување на оваа форма на локално здружување и самоорганизирање. Во последните десетина години речиси во целост се замрени градските месни, сега наречени урбани заедници. Но, сепак, потребата од заедничко дејствување, нерешените инфраструктурни и други проблеми во голема мера влијаеја селските месни заедници да останат и функционираат до ден-денес во голем број од селата.
 
Само како информација ќе го наведеме фактот дека и ден-денес во селата кметовите, како што самите се нарекуваат претседателите на МЗ, и одборите на месните заедници се организираат на слободни селски избори.

За жал, месните заедници сè почесто се соочуваат со проблеми во нивното интерно функционирање и со тоа се под ризик да паднат под влијание на општинските власти и на партиите. Голем број од селата сè уште се имуни на ова, бидејки функционираат (всушност, нелегално) по старите закони што важеа до 1995 година, но поради тоа сè почесто се среќаваат со препреки што им го отежнуваат работењето, па дури и со закани од страна на органите на власта и финансиската полиција.

Имено, според Законот за локална самоуправа, глава VII, поглавје Месни заедници 11, за месните заедници се вели дека тие можат да се формираат со статутот на општината и со одлука на советот и градоначалникот. На овој начин оформените месни заедници имаат право и се должни своите претставници (одбори, кмет/претседател) да ги избираат на слободни избори, во согласност со членовите 47 и 48, кои ги дефинираат начините на избор од Законот за локална самоуправа (членови што велат дека изборите се јавни и секој жител има право на глас).
 
Наместо овој начин на формирање на месните заедници, општините поради сложеност на постапката, но и поради можност на понатамошна манипулација, сè почесто не ги третираат месните заедници како легитимни претставници на локалната заедница, бидејки немаат правен статус. Поради тоа, немаат право сами да располагаат со средства од закупнини за трафостаници, кои инаку сами ги изградиле со месен самопридонес, ТВ-предаватели, мобилни оператори, концесии за искористување на селските ресурси, води, шуми, песок, камен.
 
За да се надминат овие проблеми, месните заедници сè почесто во своите рамки регистрираат или самите тие се организираат како граѓански здруженија, со што се здобиваат со правен легитимитет, но нивната легитимност, односно легитимитетот како застапници на интересите на локалната заедница може да се доведе во прашање, затоа што здруженијата на граѓани своите тела ги избираат на собрание, не на општи избори. Исто така, интерното функционирање на овие здруженија честопати е проблематизирано од страна на единиците на локалната самоуправа.
 

Токму зајакнувањето на месните заедници во општините Македонска Каменица и Виница е главната цел на проектот што го спроведуваат здружението „Надеж – Hope“ од Македонска Каменица и здружението „ИНИ“ од Виница.

Проектот е насловен „Силни месни заедници, за силна локална демократија“, а како што истакна координаторката Марија Ситновска, главна негова цел е подигање на капацитетите на месните заедници во овие две општини.

-Проектот „Силни месни заедници, за силна демократија” е финансиски поддржан од страна на Европската Унија како подгрант на проектот „Силни граѓански организации, за позитивни социјални промени“, што во државата го спроведува Фондацијата за развој на локалната заедница – Штип, во партнерство со Институтот за развој на заедницата – Тетово и Центар за одржлив развој „Алка“ од Скопје. Финансиската поддршка преку добиениот грант е 239.025 денари, информира Ситновска.

За време на спроведувањето на проектот, како што истакна Тодор Цонев од здружението „ИНИ“ од Виница, оформени се шест совети на месните заедници.

-Меѓу нив во Македонска Каменица во селата Саса, Моштица и Луковица и во Виница во селата Лески, Блатец и Јакимово. На вака оформените совети се спроведени шест обуки за зајакнување на демократските капацитети на оформените совети, кои имаат за цел детектирање и приоретизирање на проблемите, меѓу другото и поднесување граѓански иницијативи предлози и претставки. На крајот од проектот се изготвени прироритетни листи на проблеми, кои ќе бидат доставени за понатамошно разгледување до единиците на локалните самоуправи во Македонска Каменица и Виница, истакна Цонев.
 
 
Претставникот на месната заедница од Јакимово, Благој Соколов, ја поздрави иницијативата за зајакнување на капацитетите на месните заедници.
 
– Ова е првпат да учествуваме на ваков настан, каде што пред сè ние што живееме во руралните средини имаме проблеми што преку ваквите проекти може да ги решиме. За поздравување е идејата, имаме одржано веќе три – четири средби, на кои посетеноста е голема, имаме заинтересираност за учество во работата. Што се однесува до најчестите проблеми со кои се соочуваме, можам да кажам дека тоа се проблеми од областа на инфраструктурата, потоа културно-забавниот живот, како и во делот на социјалата, истакна Соколов.
 
 
Перо Митревски од село Луковица, како главен проблем го посочи недостигот од вода во селото.
 
– Како приоритет за село Луковица е недостигот од вода. Имаме слаби извори и недостигот од вода е присутен во секое семејство. Предлагам општината да помогне со некоја донација, ние сме планинско место, има доста извори и може да се донесе вода. Што се однесува до проектот, сметам дека е добар и дека преку него може да искористиме нешто за село Луковица, вели Митревски.
 
 
Во рамките на проектот „Силни месни заедници, за силна локална демократија“ изготвена е и публикација – прирачник за функционирање на месните заедници, што им е доставена на учесниците во обуките.

Проектот „Силни месни заедници, за силна локална демократија“ започна да се спроведува во октомври 2018 со времетраење до март 2019 година.

 
Валери Спасевски/МИА