Македонија
30. November 2019 - 19:34

Како да препознаете дали детето е малтретирано од дадилката која го чува?

Како да препознаете дека вашето дете е малтретирано? Експертите велат, детето преку своето однесување покажува дали негувателката физички или психички го злоставува. Психолозите посочуваат дека при изборот на дадилки многу е тешко да се види дали едно лице може да биде насилно или не. Препорачуваат при изборот да се консултира стручно лице и да се врши контрола врз дадилките.

-Ако видиме дека детето е нервозно, дека детето не може да спие, ако мокри навечер. Односно, ако се враќа на некое однесување кое го прераснало, ако се жали, ако не си ја сака дадилката. Има некоја причина зошто детето не ја сака. На крајот на краиштата, и ние возрасните кој може да не натера со некој ако не го сакаме, вели псилогот, Мирјана Јовановска – Стојановска.

Сепак, Стојановска вели дека насилството многу почесто доаѓа од родителите, или од блиските роднини.

Вели дека на Запад е модерно да се поставуваат безбедносни камери во домот или во собата на детето. Појаснува дека тоа е еден од начините како родителите можат да дознаат како негувателот се однесува со детето.

Физичкото насилство врз децата остава траг за цел живот. Иако навидум еден удар можеби не е силен, жртвата доживува понижување.

-Понижувањето е нешто што тотално ја руши личноста од внатре, нејзината самодоворба. Односно, на некое ниво дека „ако некој се осудува вака да ми прави можеби јас не сум некоја важна личност, јас не сум важен овде“. Тогаш и целокупниот однос на таа личност кон самата себе ќе биде на тој начин, вели Стојановска.

Според Стојановска, детето кое било жртва на насилство често пати е насилно кон своите врсници. Вели дека уште пострашно е што овие деца во иднина може да дозволат другите да се однесуваат насилно кон нив, и во најлош случај да го поттикнуваат демонстрирањето на насилство.