Македонија
13. February 2019 - 17:35

Кај пет лица во Струмица потврден вирус на „свински грип“

Кај пет лица од Струмица е потврдено присуство на вирусна инфлуенца од типот АХ1Н1, познат како „свински грип“, по земените примероци од брисови по случаен избор, информира началничката на Инфективното одделение при струмичката болница, д-р Лилјана Манинска.

Според неа, дневно се регистрираат по 80 нови пациенти со симптоми на грип. Симптомите кај заболените се висока температура, мускулно-зглобни болки, малаксаност, истоштеност, а дел од пациентите со компликации имаат воспаление на респираторните патишта, односно на Инфективното одделение доаѓаат со бронхит или бронхопневмонија.

-Околу 20-24 лица водиме како хоспитализирани. Полесните случаи примаат терапија во дневната амбуланта, а потешките се задржани на лекување на одделението, рече Манинска.

Таа апелира до болните од грип кои имаат полесни симптоми, да се лекуваат во домашни услови, бидејќи времетраењето на лекувањето е од 10 до 14 дена и притоа да ја земаат пропишаната терапија и витамини, како и да одмораат.

Според Институтот за јавно здравје, до трети овој месец во Струмица имало пријавени 418 лица заболени од грип.