Македонија
15. јуни 2021 - 13:35

Кацарска: Јас ви ветувам дека ниту еден политичар не може да ми каже како да работам

Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, тврди дека врз неа не може да влијае ниту еден политичар, ниту пак да и се јави за да и каже како да одлучи за некој предмет.

„Не постои политичар кој можеме мене да ми се јави и да ми каже како да одлучам по некој предмет. Кои судии ќе ги изберат политичарите, тоа можете да разговарате со претставниците на политичките партии. Се надевам дека ќе изберат професионалци и чесни судии. Се надевам ќе имаат сенс за тоа кого ќе предложат и изберат за судии во Уставниот суд. Јас бев изненадена кога дознав дека вас новинарите ви е забрането да влегувате со мобилни телефони. Од наредната седница ќе влегувате слободно со мобилни телефони. Барав да ми се даде одлука заклучок за ова од судиите, но ми кажаа дека нема ништо такво. Кажаа само дека било кажано од таа и таа дата новинарите да не влегуваат со телефони. Новинарите ми кажаа дека не можете да знаете за кој предмет станува збор, се што е спорно ќе се средува. Судот максимално ќе се отвори за јавноста. Ќе има многу новини во Уставниот суд. Се она што е според закон, мора да го спроведуваме. Јас прва го отворив Кривичниот суд во 2005 година. Кога дојдов во Уставниот суд, не ми беше јасно тоа што е целосно затворен. Сакам максимално да го отворам судот, тука нема да има никакви проблеми“, рече Кацарска.

За критиките од ВМРО-ДПМНЕ дека за претседателка е избрана поради затворските пресуди кои ги донела за осудените во предметот за упадот во Собранието на 27 април, Кацарска вели дека тие не допираат до неа бидејќи се невистини, но допираат до нејзините мајка и ќерка.

„Критика која не е заснована на факти, не допира до мене. Зарем по 34 години судиски стаж, некој може да оспорува мој избор во Уставниот суд? Имаше од кого да учам. Критиката од опозицијата е секојдневна. Жалам што тоа допира до мојата ќерка и мајка ми, до мене не. Се додека чесно ја вршам мојата работа, до мене тоа не допира. Во поглед за предметот 27 април, криво ми е што се изнесуваат такви невистини. Не може да станува збор за уставобранители, луѓе кои влегле насилно во Собрание, кои поставиле експлозивна направа, кои тепале пратеници, новинари, полицајци. Жалам што не се направи план за тоа судење да оди во живо, постојано. Два месеци, по 10 часа во судница гледавме снимки од кои се згрозуваме. Политиката на мене не може да влијае. Ви ветувам дека ниту еден политичар, никогаш, не може да влијае врз мене“, рече Кацарска.