Македонија
15. November 2018 - 16:13

Кабинетот на Орбан потврди дека Груевски побарал азил преку унгарска амбасада надвор од Македонија - Софија тврди дека немал бугарски пасош

Барањето на Груевски за азил е правно, а не политичко прашање, посочил унгарскиот министер за надворешни работи во телефонски разговор со својот македонски колега Димитров. Сијарто потенцирал дека Унгарија ќе ја разгледа апликацијата за азил на поранешниот македонски премиер, според меѓународно право. Ова прашање не треба да ги наруши добри односи помеѓу двете земји, бидејќи Унгарија и натаму ја поддржува евроинтерацијата на Македонија.

За време на разговорот, министерот Димитров ја посочи важноста на принципот на владеење на правото, кој претставува темелен европски принцип. Притоа укажа на парадоксалноста на ситуацијата да се бара политички азил во земја членка на ЕУ, од страна на личност во чие време на владеење, земјата кандидат за членство во ЕУ беше окарактеризирана како „заробена држава“ и од страна на самата Европска комисија, се вели со соопштението на македонското МНР.

Во исто време, шефот на кабинетот на унгарскиот премиер, тврди дека Груевски намерата да поднесе барање за азил во Унгарија ја изјавил во унгарска амбасада надвор од Македонија. Ѓергели Ѓулијаш не открива во која држава се наоѓа амбасадата, ниту како Груевски пристигнал во Будимпешта каде се поднесени документите.

Според моите сознанија, Груевски даде изјава за закани по неговата безбедност, тоа беше причината неговото сослушување да не се води во транзитната зона, туку во Будимпешта. Унгарија нема никаква улога за начинот на кој Груевски ја напушти Македонија. Официјална Будимпешта се уште нема добиено барање за екстрадиција на Груевски, а ако го добијат тие ќе одговорат „во линија на правниот систем“. Двете земји немаат потпишано договор за екстрадиција, вели Ѓергели Ѓулијаш

Повеќе информации за јавноста не открива ниту унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Тоа е правно прашање, одговорот побарајте го кај адвокатите, изјави Орбан.

По бројните шепекулации во медиумите за тоа како Груевски стигнал до Унгарија без патна исправа, бугарскиот премиер Борисов денеска и јавно ги демантираше пишувањата дека екс премиерот поседува бугарски пасош. Претходно веста ја демантираше и бугарското министерство за правда.

Поранешниот македонски премиер Никола Груевски ниту барал, ниту пак му е издаден бугарски пасош. Се работи за целосно не точна информација, изјави премиерот Борисов.

Унгарија има рок од 15 дена да се изјасни по барањето на Груевски.  доколку барањето биде прифатено, Груевски би можел да го оствари правото на азил во периодот од средината на јануари до крајот на март идната година.