Балкан
23. January 2019 - 15:15

Кабинетот на Ципрас: Нимиц става крај на приказната на Мицотакис за наводно одново преговарање за договорот

Од кабинетот на грчкиот премиер Алексис Ципрас коментираат дека изјавата на специјалниот претставник на Обединетите Нации, Метју Нимиц, „става крај на приказната на Мицотакис за наводно одново преговарање за договорот“.

Во соопштението велат дека лидерот на Нова демократија во изминатиот период се подбивал со граѓаните и криел дека е за сложено име со употреба на терминот „Македонија“, а во последните денови подбивањето го однел чекор понапред, „тврдејќи дека наводно ќе направи сѐ за да не помине Договорот од Преспа, а потоа тој лично одново ќе преговара со ПЈРМ“, јави дописничката на МИА од Атина.

-Не дека некогаш ќе му биде даден мандат од грчкиот народ, но го повикуваме да ја прочита изјавата на специјалниот претставник на ОН, Метју Нимиц, кој во суштина става крај на приказната на господинот Мицотакис во врска со наводното одново преговарање, бидејќи нагласува дека за нов договор „би биле потребни години”, но го вклучува и алармот за опасноста дека одново ќе се преговара и за ерга омнес, што по прв пат го постигна грчката влада со Договорот Преспа, пишува во соопштението од кабинетот на грчкиот премиер Алексис Ципрас.