Македонија
14. March 2016 - 18:49

Кабинет на Иванов: ЕК на македонската јавност повторно не и одговори на клучното прашање

Во врска со денешната изјава на портпаролот на Европската комисија, Маја Коцијанчиќ, Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов, посочува дека Европската комисија на македонската јавност повторно не и одговори на клучното прашање: Во периодот од 20.08.2015 до денес, на која македонска институција задолжена за превенција и справување со мигрантската криза е дадено, донирано, префрлено и трансферирано помош и опрема? 

- Државните институции на Република Македонија, кои се справуваат со мигрантската криза се уште немаат добиено никакви финансиски средства, ниту опрема за регистрација и надзор на државната граница, од Европската унија. Сите трошоци за безбедносниот аспект на кризата ги сносат исклучиво македонските институции, македонската војска, македонската полиција, македонското разузнавање, македонските здравствени власти, општините на југот, на северот и македонските јавни претпријатија, се вели во писмената реакција од Кабинетот на Иванов.

Од Кабинетот на претседателот на Република Македонија уште еднаш посочуваат дека сите средства што се пристигнати од почетокот на мигрантската криза се всушност хуманитарна помош дистрибуирана преку меѓународни организации, и други средства доделени на невладини организациии, кои на терен помагаат во справување со кризата од хуманитарен аспект.  

- Европската комисија и понатаму настојува претходно проектираните ИПА фондови да ги прикаже како средства доделени за актуелната бегалска криза, односно да ги пренамени за оваа цел, се наведува во писмената реакциија од Кабинетот на Иванов.