Балкан
11. May 2017 - 12:48

Јункер: Романија го заслужува местото во Шенген зоната

Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер изјави денеска во обраќање пред романскиот Парламент дека Романија го заслужува своето место во Европската унија и Шенген зоната.

- Романија природно го заслужува своето место во редовите на ЕУ и во Шенген зоната. Критериумите за приклучување кон Шенген зоната беа јасни и тука го кажувам ова уште еднаш, не треба да ги усложнуваме тие критериуми, рече Јункер.

- Романија треба да стане членка на Шенген зоната колку што е можно поскоро, бидејќи тоа го заслужува, додаде Јункер пред романските пратеници во обраќањето по повод десет години од влезот во ЕУ. 

Претседателот на ЕК изјави дека Механизмот за соработка и проверка се спроведува добро и не е потребно да се воведуваат нови критериуми и барања на веќе постоечките. 

Јункер додаде дека изминатите десет години Романија вложува важни напори во реформите на судскиот систем и во борбата против корупцијата и нагласи дека завршувањето на Механизмот за соработка и проеверка не треба да значи крај или запирање на реформите. 

Претседателот на ЕК во рамки на посетата на Романија ќе се сретне со претседателот Клаус Јоханис и премиерот Сорин Гриндјану.