Македонија
15. October 2019 - 15:49

Југоистокот повторно покренува иницијатива за изградба на регионална депонија

По повеќе од пет години во Југоисточниот плански регион повторно се покренува иницијатива за изградба на регионална депонија, откако претходната пропадна.

На местото на досегашната депонија ќе се изгради нова со капацитет од 1 милион и двесте илјади кубни метри. Таа ќе се простира на површина од 12 хектари. Периодот на експлоатација ќе трае 25 години. Во првите пет години во депонијата треба да се вработат 83 лица, а вкупната инвестиција е 20 милиони евра.

Скоро една деценија се најавуваше изградбата на првата модерна регионална депонија во земјава, кај Струмица, на местото на сегашната „Шапкар“. Претходниот концепт пропадна, а главната пречка беше цената што требаше да ја плаќаат домаќинствата.

-Мислам дека мораме да сфатиме еднаш конечно дека цената што се плаќа по домаќинство во земјава, во најголем дел од општините е многу ниска и не ви нуди можност за современо управување со отпад. Цената ги покрива трошоците на собирање и одлагање на отпадот. Ние во моментот немаме современи депонии, имаме одлагалишта, некои ги нарекуваат и ѓубришта. Значи, мора да размислуваме во однос на тоа, но мораме да размислуваме и за граѓаните. Не смееме да им наметнеме цени кои што не можа да ги плаќаат. Значи, мораме да најдеме некое балансирано решение што ќе биде добро и за граѓаните, но ќе биде добро и за системот за управување со отпад, објаснува Каја Шукова од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Пред неколку денови, Советот на градоначалници при Центарот за развој на југоисточниот плански регион заедно со претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање, комуналните претпријатија, Министерството за финансии, претставници од Европската банка за обнова и развој и експертска група ја почнаа постапката за менаџирање на ваков вид на депонии. Целиот проект ќе трае четири месеци, а е ангажирана данската компанија „Кови“ од страна на ЕБОР. Проектот се однесува на четири региони – Југоисточниот, Пелагонискиот, Југозападниот и Вардарскиот регион.

-Проектот започна на иницијатива на Владата, која што и пристапи на банката и и побара помош. Станува збор за пари од грант. Се надеваме дека ќе утврдиме соодветни модели за управување со отпадот во секој од регионите. Не значи дека ќе се уврди еден модел, што ќе биде идентичен за сите четири региони, туку ќе зависи од демографијата на регионите, од количините на отпад што се собираат, значи ќе зависи од многу аспекти, посочи Каја Шукова.

Според досегашните согледувања Југоисточниот регион се издвојува, бидејќи желбата на регионот за изградба на регионална депонија е видлива во подолг временски период, а тоа беше потврдено на првиот состанок што се одржа во Струмица.

Градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски, смета дека е добро што тргна иницијативата за решавање на овој горлив проблем.

-Јас се радувам што сето ова тргнува во еден правец на решавање и се надевам дека со кусите рокови кои се поставени ќе дадат една динамика на решавање на овој проблем, рече Јаневски.

Додаде дека градоначалниците од десетте општини во регионот се едногласни оти конечно треба да се реши проблемот со изградба на регионална депонија.

Последниот обид за изградба на регионална депонија дојде до фаза на избор на концесионер и утврдување на цената која требаше да ја плаќаат домаќинствата од десетте општини од Југоисточниот плански регион. Иницијативата пропадна, а за сегашната има надеж дека ќе успее и овој регион повеќе нема да има голем број диви депонии, туку ќе има организирано собирање и одлагање на сметот и ѓубрето.