Македонија
3. November 2015 - 14:57

Јубилејно издание на „Анимакс Скопје Фест“ од 5 до 8 ноември

Вкупно 54 анимирани филмови од 25 држави од светот ќе бидат прикажани на Меѓународниот фестивал за анимиран филм „Анимакс Скопје Фест“ што ќе се одржува од петти до осми ноември во Кинотека на Македонија, кино „Фросина“ и Младинскиот културен центар (МКЦ). 

Под мотото „Пет години движење“, овој фестивал ќе го одбележи својот мал јубилеј. 

Директорот на фестивалот Кузман Кузмановски на денешната прес-конференција информира дека во рамки на четирите фестивалски денови на „Анимакс“ ќе бидат прикажани 44 филмови за возрасни и 8 филмови за деца во официјална конкуренција. Тие се избрани од пријавените 427 анимации од 56 држави во светот, меѓу кои најголем број се од Франција - 47 филмови, Хрватска и Шпанија со по 38, Германија, Полска, Италија, Бразил, како и филмови од Ирак, Иран, Индија, Јужна Кореја, Тајван, Куба, Перу и др.

На последниот ден од фестивалот, на 8 ноември ќе бидат доделени наградите „Златна“, „Сребрена“ и „Бронзена тула“, а за нив ќе одлучува интернационална жири-комисија во состав Марчин Лучај, програмер на Варшавскиот филмски фестивал, Берин Тузлиќ, аниматор од Босна и Херцеговина и македонскиот аниматор Иван Ивановски. Исто така ќе биде доделена и „Златна тула“ за најдобар детски анимиран филм, а за победникот ќе гласаат децата во четири фестивалски денови. За ова јубилејно издание градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски одлучи да додели специјална награда во рамки на фестивалот.

- Првпат на „Анимакс“ во ревијалниот дел на програмата ќе бидат прикажани два долгометражни анимирани фимови, со што правиме обид да го отвориме полето за нова натпреварувачка програма следната година – награда за најдобар долгометражен анимиран филм, рече Кузмановски.

Светската премиера на перформансот во живо „Легло за тебе“ од шпанската авторка Диди Родан ќе биде прикажана на 8 ноември во 19.30 часот во кино „Фросина“, МКЦ. 

Благоја Куновски-Доре, официјален селектор потенцира дека главно карактеристиките за оваа селекција се разновидност на жанрови, богатство на изразен потенцијален, на секој автор и доодаде оти доминира ерата на дигиталната и компјутерската анимација.

Официјалната програма на фестивалот со прикажување на филмовите ќе почнува во 19 часот. Детската програма в четврток и петок ќе ја следат деца организирани од основните училишта, а в сабота детската програма ќе почнува во 12 часот и ќе биде отворена за сите заинтересирани. За време на фестивалот ќе бидат одржани и четири работилници во просториите на Кинотека на Македонија, кино „Фросина“, МКЦ и Агенцијата за филм.

„Анимакс Скопје Фест“ е прв фестивал на анимиран филм во Македонија. Цел на фестивалот е подигање и градење на културата во поглед на изработка на анимирани филмови, за возрасни и деца, кои презентираат различни аспекти од секојдневниот живот.

„Анимакс Скопје Фест“ е во организација на продуцентската куќа Аурипигмент, во соработка со здружението на граѓани Креативен центар Тинтири-Минтири од Скопје, со поддршка од Агенција за филм на Република Македонија, Град Скопје и ФX3X, а во соработка со Кинотека на Македонија и МКЦ. 

Билетите за програмата во официјална конкуренција ќе чинат 100 денари. Сите проекции за деца, како и учеството на работилници е бесплатно.