Македонија
2. December 2017 - 13:34

Јубилеен концерт 45 години постоење на КУЗ "Карпош",Крива Паланка

Над двесте играорци од седум до седумдесет години синоќа настапија на сцената на Национална установа Центар за култура,Крива Паланка,на концертот по повод 45-годишниот јубилеј на постоење на Културно-уметничко здружение Карпош" од градот.

Концертната програма ја отворија ветераните на друштвото, дел од играорците кои во 1972 година го основале здружението. Тие настапија со сценска адаптација на Кривопаланечка свадба, а се претстави и првиот ансамбл, но и подмладокот со: Игри и песни од Источна Македонија, Пијанец, Црногорка, Мариовска тресеница, Шопка и други.

-Задоволство е да се видат на едно место основачите на првиот ансамбл,наследниците,како и сегашните промотори на традицијата и фолклорот од овој крај на земјава, но и од цела Македонија. Фолклорот е обележје на еден народ, а културно-уметничките друштва актуализирајќи ги народната музика и игра како и материјалната народна култура, преку орнаментиката, народните инструменти и песни ,го зачувуваат битот, посочи Тодорче Тасевски, шеф на кабинетот на министерот за култура.

Рече дека Министерството ќе продолжи да ја поддржува фолклорната дејност, со надеж дека здруженијата ќе работат и ќе се презентираат во што подобри услови.

На концертот гостуваа КУД „Китка" и „Љиљан“ од Скопје, КУД „ФРА" од Чачак, Република Србија и Танцов ансамбл „Пауталија"од Ќустендил Бугарија.

-Одбележуваме 45 години исполнети со негување и презентирање на богатата фолклорна традиција. Играорците и играорките во изминатите децении на бројни интернационални фестивали, на сите светски меридијани го пренесоа богатиот Македонски фолклор. Орото нема граници, а ние ќе продолжиме да ги негуваме изворниот фолклор и вековната традиција, рече Миле Николовски, претседател на КУЗ „Карпош".

На настанот присуствуваа: министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство на Љупчо Николовски, градоначалникот на Крива Паланка Борјанчо Мицевски, делегации од КУД „Ораовица",Радовиш и КУД „Панче Пешев",Куманово.

Организаторот додели пофалници и признанија за посебен придонес и поддршка на здружението, благодарници за 100 и 150 настапи за КУЗ „Карпош", но и благодарници за првиот претседател на друштвото Богомир Смиљков и за првиот претседател, Станислав Стефановски.