Македонија
28. March 2018 - 14:21

ЈСП до крајот на годината ќе добие 20-30 нови автобуси

Град Скопје најавува перманентно и континуирано обновување на возниот парк на јавното сообраќајно претпријатие. Се планира набавка на 20 до 30 нови автобуси што може да се реализира во втората половина од годината. Во моментов во насока на  избор на најоптимално решение се вршат пробни возиња на автобуси на одредени градски линии. 

Градот Скопје денеска потпиша договор со „Мак Аутостар“ за привремено отстапување на автобус на Мерцедес бенз „Цитаро Ц2 С3“ на гас. Автобусот ќе се користи два месеца и ќе сообраќа на линија со број пет. Претходно Градот Скопје потпиша договор со компанијата Chariot Motors за пробно користење автобус на електричен погон во период од шест месеци, што треба да биде наскоро ставен во функција, и да сообраќа на релацијата на бројот 15. Градот Скопје ќе направи уште неколку вакви договори за пробни возења и со други производители.

- Ова се одлични можности што ќе не збогатат со нови искуства што понатаму ќе може да ги користиме во планирањата на модернизацијата на градскиот превоз и избирање на најоптимално решение. Наша заложба е креирање јавен транспорт што е економски ефикасен и кој не го загадува воздухот, рече градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов.

Според него принципот на менување на возилата на начин на кој што беше извршен претходно е многу погрешен затоа што, како што рече, не можете еднократно или со еден потег да ги решите потребите на граѓаните.

- Мора да влезете во константна промена и тоа е нешто што го работиме како стратегија. Јас очекувам дека ќе успееме да изнајдеме доволно средства да набавиме нови 20 до 30 автобуси. Токму затоа и ги вршиме овие пробни возења, истакна Шилегов.

Тој додаде дека решавањето на деценискиот проблем со јавниот превоз во Скопје е дел од листата на приоритети на Градот Скопје и посочи дека годинава се предвидени 100 милиони денари за субвенции за еко автобуси за јавното сообраќајно претпријатие и за приватните превозници во висина од 20 милиони денари.

Споредбено со старите дизел автобуси што сега ги користи ЈСП, овој автобус троши 50 проценти помалку гориво.

Директорот на продажба во „Мак Аутостар“ Михаило Зографски вели дека нивните претпоставки покажале дека ако сега автобусите што ги користи ЈСП трошат годишно 25 до 26 илјади евра, овој автобус ќе потроши 50 проценти помалку, односно околу 13.000 евра годишно.

Вредноста на автобусот е 220.000 евра има варијанта со капацитет од 92 и 96 патници и зглобен со 155 патници.

Вакви автобуси на Мерцедес се користат во Берлин, Лондон, Париз, Виена и Букурешт.

Директорот на ЈСП Скопје Кристијан Чушков рече дека во ЈСП недостасуваат 30 до 40 автобуси.

- Во моментов се користат автобуси стари седум години и одржувањето станува потешко. Станува збор за кинески автобуси и со деловите е малку проблематично, рече Чучков. 

Запрашан за заминувањето на 28 возачи од ЈСП директорот рече дека одобрени се 10, и оти нивното заминување нема да го доведе во прашање функционирањето на претпријатието.

Градоначалникот Шилегов пак упати апел до возачите на примерно однесување додека се на работното место.