Македонија
18. July 2017 - 16:59

ЈП Водовод: Да не се кршат и оштетуваат јавните чешми

Да не се кршат, руинираат и оштетуваат јавните чешми на територијата на Град Скопје, а наводнувањето на зелените површини да се врши во вечерните часови, апелира ЈП Водовод и канализација.

Според претпријатието, последните примери на оштетувања се новите јавни чешми со тајмери.

- По притискање на тајмерот, тече вода одреден период и потоа запира. Се кршат тајмерите за водата да тече постојано, со што се намалува притисокот на водата на територијата на Градот. Лани беа набавени и поставени 55 вакви нови чешми со тајмери, токму поради зачувување на водата за пиење, а воедно и зголемување на притисокот во водоводната мрежа, стои во соопштението.

Според ЈП Водовод, освен што одзема време, постојаното поправање на јавните чешми троши и ресурси и парични средства кои може да се искористат за други работи во полза на граѓаните. 

Во однос на зелените површини, со ЈП Паркови и зеленило е договорено да се наводнуваат во вечерните часови. - Апелираме тоа да го прават и граѓаните за во текот на денот да има нормален притисок на водата во водоводната мрежа, наведува ЈП Водовод и канализација.