Македонија
26. January 2020 - 17:44

Јовановски: Прво воведете ред со загадувачите дома па потоа почнете да увезувате отпад

За да може да се користат придобивките од преработката на отпадот и за да може граѓаните да бидат мирни додека се врши увоз на отпад во земјава, мора институциите прво да ја заработат довербата која одамна е изгубена и да почнат да го имплементираат законот за да се стави ред кај домашните загадувачи, вели Антонио Јовановски од невладината „Биди зелен“

„Ако ние дозволуваме да увземе отпад како енергенс, значи дека треба да докажеме претходно дека ние можеме да се справивме со големите индустриски капацитети, можеме да ги натераме големите бизниси да инвестираат во технологија која што нема да загадува, за да можеме ние да се чувствуваме удобно и да можеме како граѓаните да кажеме да. Заради недовербата во минатите години, роковите кои што се одложуваат како што реков 2014 беше првиот рок па се одложи до 2019, па имаме уште капацитети, да не ги именувам, кои се уште немаат интегрирана еколошка дозвола. Значи што ќе се случи ако ние тој термин уште го продолжиме. Значи треба да ги зајакнеме институциите, бидејќи тука станува збор за други работи. Ние сега гледаме за загадувањето. Загадувањето е само симптом, што е причината за тоа. Значи зборуваме за сиромаштија, за корупција, за партизирани институции кои што не можат да донесат одлука на интегритет во однос на судство итн. Кога институциите ќе покажат дека можат да ги имплементираат законите што ги носат и ќе можат да регулираат индустриски капацитети како што треба, тогаш можеби и нашиот став и ставот на јавното мислење ќе се смени. Сега за сега, сме против увоз на отпад“ – вели Јовановски за Детектор.