Македонија
25. September 2017 - 16:06

Јовановски: Ќе го сузбиеме урбанистичкиот хаос во Центар - Богдановиќ: Ќе направиме ревизија на Дуповите во Центар

Започнувајќи од денес, кандидатот за градоначалник на Центар на ВМРО-ДПМНЕ, Дејан Јовановски секој ден ќе презентира дел од неговата програма со која ја бара довербата пред локалните избори.

Проектите кои сака да ги реализира, ги подготвувал во соработка со граѓаните, а потенцира дека и во иднина ги очекува нивните предлози и сугестии.

Урбанистичкиот хаос во општина Центар мора да престане. Затоа една од првите работи кои ќе ги направиме по превземањето на одговорноста за општината е времено стопирање на издавање на дозволи за градба во општина Центар. Во првите 100 дена ќе направиме анализа и ревизија на фактичката состојба во која се наоѓа нашата општина. Ќе ги чуеме мислењата на граѓаните, ќе отвориме јавни дебати со сите нив, поединечно од секое место, ќе ангажираме експерти од соодветните области, а се со цел изнајдување на најдобри решенија за нашата општина Центар, истакна Јовановски.

Тој им порача на граѓаните внимателно да ја разгледаат неговата програма која ја подготвил со особени внимание, труд и енергија.

 Ќе тропнеме на секоја врата и ќе го посетиме секое маало во Центар за да ви ги понудиме нашите предлози и решенија за конкректните проблеми, со цел сограѓаните да ја чујат нашата визија за општината, истакна денеска кандидатот на СДСМ за градоначалник на Општина Центар, Саша Богдановиќ на свеченоста во хотелот „Холидеј Ин“ со која ја почна изборната кампања за престојните локални избори на 15 октомври.
 
- Со цел да ја направиме Општината подобро место за живеење за сите нас, ќе ги запреме неконтролираните градежни активности, ќе направиме ревизија на сите постоечки детаљни урбанистички планови, а сите нови ќе бидат изготвувани по претходно извршени теренски проверки на фактичката состојба. Ќе градиме по план, со цел да ја запреме градежната мафија, рече Богдановиќ.
 
Тој посочи дека во програмата се опфатени проекти и решенија за сите граѓани, најмладите, децата и учениците, пензионерите и социјално загрозените категории на граѓани. Најави дека ќе ги заврши сите позитивни проекти што се почнати, како изградбата на новото основно училиште во Капиштец и ќе ги обнови и модернизира и другите деветолетки на територијата на Центар за да се овозможи квалитетно образование на учениците. 
 
Ќе бидат реконструирани и постоечките детски градинки, а предвидена е изградба на нова во Маџир Маало.
 
- Ќе го решиме и еден од најголемите проблеми со кој општината се соочува, а тоа се паркиралиштата. Ќе го продолжиме и проектот „Цел Центар на точак“ за субвенционирање на велосипеди, порача Богдановиќ.