Македонија
19. March 2020 - 14:54

Јованоски: Ги заоструваме мерките, има 76 граѓани во изолација, за четворица кривична пријава

 Се заоструваат мерките за заштита на граѓаните од заразата од корона вирусот. Прилеп во моментов нема заразени, но во самоизолација се 76 лица. Од нив за четири лица има кривични пријави поради непочитувањето на мерките, изјави прилепскиот градоначалник Илија Јованоски на денешната прес-конференција.

-Во овој момент нема ниту еден заболен од коронавирусот во нашата општина. Во овој момент во самоизолација се наоѓаат 76 лица, на кои полицијата им врши секојдневна контрола. На четири лица, од нив, кои не ги почитувале препораките од надлежните институции, односно мерките за самоизолација, поднесени им се кривични пријави. Главно се граѓани повратници од високо ризичните европски земји: Италија, Германија и Франција, рече Јованоски.

Јованоски информираше дека  денеска се дезинфицираа влезовите во градот по дезинфекцијата на образовните институции и градските површини.

-Континуирано вршиме дезинфекција на градинките, основните и средните училишта, Домот за стари лица, улиците, плочниците и останатите јавни површини од централното градско подрачје. Денеска и во следните денови, продолжуваме со дезинфекција на сите влезови во градот, просторот пред Здравствен дом, Болницата и Центарот за јавно здравје, рече Јованоски.

Од денеска, во фукција е и зелената бесплатна телефонска линија, со број 0 80 00 210 за да се интервенира и да им се набават намирници на старите и иземоштени лица. Истовремено, од денеска во функција се ставени три дополнителни тимови од Здравствениот дом  кои ќе вршат домашна посета.

-Во оваа прилика, упатувам апел до сите наши сограѓани, да ги почитуваат мерките и препораките од Владата и од Министеството за здравство, да не ги напуштаат своите домови, а граѓаните од најранливите категории ги охрабрувам да ја користат помошта на мобилните тимови. Истовремено ја засилуваме соработката со Црвениот крст од Прилеп, рече Јованоски.

Јованоски упати нов апел до стопанствениците да донираат храна, дезинфекциони средства и лекови кои преку Црвениот крст ќе им бидат доставени на социјално ранливите категории. Од Цвениот крст велат дека се подготвени на сите да им излезат во пресрет.

-Црвениот крст веќе ги мобилизираше своите волонтери, формирани се тимови кои се подготвени да вршат дистрибуција на храна, хигиенски средства и лекови за семејствата кои се во самоизолација, а се во социјален ризик. Доколку имаме соодветен одговор од стопанскиот сектор, сме на располагање, во соработка со Центарот за социјални работи да се дистрибуира и до најранливата категорија социјални семејства. Во моментов, капацитетите се слаби, и сѐ што имаме е за социјалниет семејства во самоизолација. Засега немаме распределено средства, особено што немало потреба. Имаме на располагање, од 10 до 14 часот а и телефонска линија за медицинска и психо-социјална поддршка на граѓаните со бројот 048 424 710, изјави Катерина Кочоска, секретар на прилепската оргаизација на Црвениот крст.