Тенис
15. October 2018 - 10:17

Јотовски победник на турнирот „Бовин Неготино опен“

Најдобриот македонски тенисер Томислав Јотовски е победник на „Бовин Неготино опен“  што се играше изминативе денови на терените на Тенискиот клуб Неготино.

Тој во финалето вчера попладне,  го совлада Стефан Мицов со 2-0, во сетови (6:3 и 7:6(1) во гемови).

- Одиграв добар меч. Го дадов својот максимум денес, за да победам. Честитки до организаторот на турнирот, се надевам ќе се видиме и наредната година, изјави  Јотовски веднаш по мечот.

„Бовин Неготино опен”  е турнир со долга традиција.

- Првиот турнир го организиравме во далечната 1994 година. Оттогаш  наваму, успеавме да изградиме една долга традиција и еве оваа година да ги собереме дел од најдобрите македонски играчи. На турнирот настапија 49 играчи од цела Македонија, изјави Ванчо Лазов, претседател  на ТК Неготино.