Македонија
22. September 2019 - 16:41

Јоргос Арванитис ја доби наградата ,,Златна камера 300‘‘ на затворањето на фестивалот Манаки

Со доделувањето на Златната камера 300 за животно дело на грчко-францускиот кинематографер, Јоргос Арванитис, синоќа во Битола заврши јубилејното 40-то издание на фестивалот „Браќа Манаки“. Арванитис во текот на речиси шест децении работел на повеќе од стотина играни филмови низ Европа и низ Медитеранот.

-Голема чест ми е да бидам на овој фестивал и да бидам заедно со сите големи кинематографери. Чест ми е да присуствувам на фестивал која ја цени сликата и кинематографијата, а особено сум почестен што сум овде бидејќи моите корени се токму од овде, бидејќи јас сум Влав, рече Јоргос Арванитис, добитник на Златна камера 300 за животно дело.

Директорката на фестивалот истакна дека ќе се обидат и понатаму да го чуваат духот на Битола која го сака филмот и фестивалот.

- Секоја приказна има свој крај, но ние нема да дозволиме ова да биде крај, туку еден нов почеток во пресрет на 41. Издание на Меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ и се надевам дека оваа сала повторно ќе биде полна со оние кои навистина го сакаат, го обожуваат и го вреднуваат филмот, рече Гена Теодосиевска, директор на фестивалот.

Фестивалот заврши со проекцијата на филмот „Манаки-приказна во слики“ на Роберт Јанкуловски кој го работеше 6 години водејќи се од максимата на Манаки „една слика за мене, една за историјата“.

- Сите ние кои создаваме некакви дела сме одговорни пред историјата и треба да го правиме тоа најдобро што можеме за да ја оправдаме оваа максима, рече Роберт Јанкуловски, режисер на филмот.

На свеченото затворање беа доделени и традиционалните  награди „Златна камера 300“, „Сребрена камера 300“, „Бронзена камера 300“ и „Мала камера 300“.