Македонија
27. April 2016 - 19:25

Јолевски: Заедничката соработка клучна за решавање на мигрантската криза

Министерот за одбрана Зоран Јолевски денеска имаше средба со началникот на Генералштабот на вооружените сили на Словачка, генерал Милан Максим, кој е во официјална посета на Република Македонија.

На средбата, како што соопшти Министерството за одбрана, станало збор за пристапувањето на Македонија кон ЕУ и НАТО, за претстојниот самит на НАТО во Варшава, за учество на Армијата на Република Македонија во операции во поддршка на мирот, како и за идни можни ангажмани. Двајцата соговорници разговарале и за безбедносната состојба во Регионот со посебен осврт на мигрантската криза.

Министерот Јолевски истакнал дека односите и соработката со Словачката Република се од стратешко значење за Република Македонија од аспект на приклучување во европските и евроатлантските структури.

Јолевски посочил дека денешните предизвици со кои се соочува Европа и светот се менуваат секојдневно и затоа, како што додал, е потребно да се креира заедничка стратегија со цел решавање на актуелните прашања особено во поглед на мигрантската криза.

Во насока на унапредување на соработката Јолевски ги понудил капацитетите со кои располага Министерството за одбрана, односно Армијата на Република Македонија. Министерот ги посочил Воената академија, Регионалниот центар за односи со јавност, Центарот за обука на пилоти и армискиот полигон Криволак, каде припадниците на Армијата на Словачката Република би можеле да се стекнат како со нови вештини и знаења, така и да разменат искуства и способности со припадниците на АРМ.

Генералот Максим во оваа прилика нагласил дека соработката меѓу двете армии е добра и оти истата ќе продолжи да се развива во иднина. Тој воедно посочил дека искуството кое го имаат претставниците на АРМ во однос на кризата е големо и оти се подготвени да соработуваат со цел подобрување во справување со ваков тип на кризи.

На средбата присуствувале началникот на ГШ на АРМ, генерал потполковник Методија Величковски и амбасадорот на Република Словачка во Република Македонија, Мартин Брезак.