Македонија
11. May 2017 - 18:37

Јолевски: соработката меѓу Македонија и САД придонесува за развојот на АРМ

Министрите за одбрана и надворешни работи, Зоран Јолевски и Никола Поповски денеска во Касарната „Илинден“ – Скопје се сретнаа со претставници на висока делегација од Конгресот на САД кои се во посета на баталјонот на Воена полиција.
 
Делегацијата составена од конгресмени предводени од конгресменот Боб Гудлат кој е Претседател на комитетот за правосудство имаа можност да се запознаат со активностите на баталјонот на Воена полиција и нивното досегашно учество во мировните мисии.
 
Министерот Јолевски во обраќањето до конгресмените и останатите членови на делегацијата упати благодарност за досегашната поддршка и помош на САД во однос на опремување, учество на обуки и вежби со цел унапредување на одбранбените капацитети на Армијата на Република Македонија и истакна дека досегашната висока соработка со САД ќе продолжи и понатаму.
 
- Оваа соработка која се должи на Договорот за стратегиско партнерство и соработка од 2008 година и Меморандум за соработка во одбранбените и воени односи од 1994 година, како и соработката со останатите земји на НАТО овозможи ние денес да имаме припадници на Армијата кои стојат рамо до рамо со останатите Армии и кои се подготвени да придонесат кон глобалниот мир и безбедност, додаде Јолевски.
 
Министерот Поповски истакна дека Република Македонија има јасно зацртана цел, а тоа, како што рече, е членство во Европската Унија и НАТО.
 
Тој додаде дека членството е од клучно значење, од причина што, според него, тоа ќе придонесе до развој на Македонија и останатите земји од регионот и воедно ќе се придонесе до одржување на мирот, стабилноста и безбедноста на македонските граѓани, а со тоа и стабилен Регион и стабилна Европа.
 
Конгресменот Гудлат изрази задоволство од прикажаното и истакна дека ги ценат напорите на Република Македонија во промоцијата на мирот и стабилноста преку учеството во мировните мисии во Ирак и Авганистан. Македонските војници стекнаа висока репутација помеѓу партнерите и сојузниците учествувајќи во мировните мисии.  Тој додаде дека баталјонот на Воената полиција и останатите единици на Армијата на Република Македонија покажале високо ниво на професионализам чувајќи ги границите на Македонија и безбедноста на граѓаните при справувањето со миграциската криза.
 
- Мило ми е што нашите програми за обука и опремување постигнале одлични резултати во подобрување на капацитетите на баталјонот. Ние ќе останеме посветени во натамошната поддршка и соработка со вас, рече Гудлат.
 
За потребите на Министерство за одбрана и Армијата на Република Македонија од 1996 до денес преку FMF фондот (Фонд на САД за странска воена помош) се доделени преку 115 милиони долари за набавка на опрема и услуги, како што се оклопни возила и резервни делови за истите, оптички средства за ноќно гледање, најсовремени средства за врски, оружје, беспилотни летала, и друга опрема и др. Во наредниот период средствата од овој фонд ќе продолжат да се користат во насока на поддршка на АРМ и нејзина модернизација.
 
Делегацијата од Конгресот на САД од 06-15 мај е во посета на Грција, Босна и Херцеговина, Албанија, Македонија, Косово и Италија.