Македонија
2. February 2016 - 12:41

Јолевски се сретна со помошникот генерален секретар на ОН Ел Гасим Вејн

Учеството на Армијата на Република Македонија во мировните операции на ООН со цел зачувување и унапредување на мирот и стабилноста во светот, Европа и пошироко, била главната тема за која разговарале министерот за одбрана Зоран Јолевски и помошникот генерален секретар за мировни операции на Обединетите нации Ел Гасим Вејн, за време на нивната вчерашна средба во седиштето на ОН во Њујорк, соопшти Министерството за одбрана.

- Придонесот на Република Македонија во мисиите предводени од Обединетите нации, посебно мисијата УНИФИЛ, претставува потврда за нашиот придонес кон светскиот мир и безбедност, истакнал Јолевски на средбата со Вејн.

Министерот Јолевски и помошник генералниот секретар Вејн разговарале и за општата безбедносна состојба во регионот на Југоисточна Европа и пошироко.

Република Македонија, како што се наведува во соопштението, со учеството во зачувувањето и унапредувањето на принципите и правилата врз кои се базирани меѓународните закони е одговорен член на меѓународната заедница и активен учесник во напорите на светската организација за воспоставување на глобален мир, безбедност и просперитет.

Средбата во Њујорк е дел од посетата на министерот Јолевски со делегација од Министерството на САД.

Министерот Јолевски денеска ќе биде еден од говорниците на настанот организиран од сенаторот Џејмс Инхоф, на кој ќе се обрати и Џејмс Џефри, заменик советник за национална безбедност на поранешниот претседател Буш. На настанот ќе гостуваат повеќе од 50-тина лица вработени во администрацијата, Сенатот и Конгресот и разни институти. 

Предвидено е Јолевски да се сретне и со поранешниот секретар за одбрана Доналд Рамсфелд, како и со поранешниот заменик помошник секретар за одбранбена политика на Европа и НАТО, Даниел Фата. Министерот Јолевски ќе се обрати на настанот организиран од страна на Германскиот Маршал Фонд на тема „Безбедноста и мигрантската криза во Западен Балкан“.