Македонија
14. December 2015 - 18:24

Јолевски на средба со членови на собраниската Комисија за одбрана и безбедност

Министерот за одбрана Зоран Јолевски и началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал-потполковник Методија Величковски денеска во Домот на АРМ имаа работен ручек со членовите на собраниската Комисија за одбрана и безбедност.

Како што информираше министерот Јолевски средбата со членовите на Комисијата, е со цел на крајот на годината да се разменат мислења и ставови околу тоа како се движеле реформите на АРМ во 2015 година и кои се плановите за 2016 година.

- Ние имаме одлична соработка со Комисијата и постојано сме во контакт, меѓутоа сметаме дека е добро еднаш на крајот од годината да имаме ваква заедничка средба со сите членови и да разговараме неформално во Домот на Армијата, истакна Јолевски.

За претседателот на собраниската Комисија за одбрана и безбедност, пратеникот Емил Димитриев, овие средби се убава можност да се разменат мислења околу тековните состојби во одбраната и безбедноста во Македонија. Членови на Комисијата со претставниците од Министерството за одбрана и од Генералштабот на Армијата, рече, имаат можност да ги сумираат резултатите од годината што привршува и да разговараат за одредени приоритети кои треба да бидат на агендата за наредната година.

- Законодавната и извршната власт кога соработуваат е од заеднички интерес, бидејќи големите проекти кои бараат собраниска процедура е добро да бидат разговарани во една ваква атмосфера и при седниците на Комисијата да имаме што е можно повеќе информации, за нашите колеги пратеници да одлучуваат соодветно, изјави Димитриев, истакнувајќи оти ова е добра пракса што треба да биде задржана и во иднина.