Македонија
8. April 2016 - 14:28

Јолевски: Македонија и Турција се пример за соработка во регионот

 Командантот на Копнената војска на вооружените сили на Република Турција, генерал Салих Зеки Чолак, кој е во дводневна посета на Република Македонија денеска оствари средба со министерот за одбрана, Зоран Јолевски и со началникот на Генералштабот на АРМ, генерал потполковник Методија Величковски.

На денешната средба, соопшти МО, се разговараше за натамошен развој на одличната соработка меѓу копнените сили, можноста за обуката и едукацијата на воен и цивилен персонал, како и за состојбата со мигрантите и кризата која го зафати блискиот исток.

- Република Македонија и Република Турција имаат високо ниво на соработка во одбраната која треба да е пример како треба се соработува во сите сфери, но и како треба да се развиваат односите помеѓу земјите од регионот и пошироко, истакна министерот Јолевски.

Како што стои во соопштението, Јолевски, ја потврди високата соработка и изрази задоволство за интензивните контакти со турските официјални претставници што претставува одраз на стратешкото партнерство меѓу Македонија и Турција. Јолевски изразил благодарност за безрезервната поддршка од Република Турција, на полето на одбраната и особено во процесот за интеграција во Северно атлантската Алијанса.

Тој додал дека двете армии одлично соработуваат и го посочил заедничкото учество во мисијата „Одлучна поддршка“ каде АРМ придонесува со 12 штабни офицери и еден подофицер во главниот штаб на Командата за обука, советување и асистенција во Кабул во рамки на турските вооружени сили. Јолевски упатил благодарност до Турција за севкупната поддршка, особено за поддршката на нашата иницијатива за префрлање на Командата на СЕЕБРИГ во Република Македонија.

Генералот Чолак, како што се посочува во соопштението, истакна дека Турција секогаш ќе ја подржува Македонија во остварување на нејзините стратешки цели, членство во НАТО и ЕУ. Тој нагласил дека нивна желба е Македонија да стане силна земја на балканскиот простор. Тој информирал дека за време на разговорите со генералот Величковски се дискутирало за добрите меѓуармиски односи и за нивен натамошен развој.