Македонија
26. July 2016 - 11:09

Јолевски - Џонс: Потврдена одличната одбранбена соработка со САД

Министерот за одбрана Зоран Јолевски, кој престојува во работна посета на Соединетите Американски Држави, оствари средба со генералот Џим Џонс, поранешен советник за национална безбедност на претседателот Барак Обама и командант за Европа на Алијансата.

Како што соопшти Министерството за одбрана, на средбата биле разменети мислења за глобалната безбедносна ситуација, за кризните жаришта на Блискиот Исток, како и за безбедносните предизвици со кои се соочува светот и Европа. Генералот Џонс кој како американски генерал беше вклучен во воспоставувањето на мисијата УНПРЕДЕП, го поздравил напредокот на Република Македонија во областа на одбраната. Тој високо го оценил квалитетот на придонесот што Македонија го дава во НАТО мисијата „Одлучна поддршка“.

- Министерот Јолевски ги презентираше аргументите за што поскоро интегрирање на Република Македонија во НАТО. Двајцата соговорници разменија мислења како може да се зајакне соработката во областа на одбраната меѓу Македонија и САД, во духот на Декларацијата за стратегиско партнерство и соработка потпишана меѓу двете земји во 2008 година. Иако оваа соработка е оценета како одлична, министерот Јолевски истакна дека постои простор за нејзино уште големо интензивирање, информира Министерството за одбрана. 

Јолевски во текот на денот имал средба и со потенцијален инвеститор од САД во областа на воената индустрија. Биле разменети мислења за потенцијалите за унапредување на соработката во наменската индустрија.

Министерот за одбрана го продолжи  престојот во САД со присуство на Конвенцијата на Демократската партија на која се очекува да се потврди номинацијата на Хилари Клинтон за претседателски кандидат. Министерството наведува дека присуството на Конвенцијата ќе биде искористено за остварување на средби со повеќе сенатори и конгресмени, како и со високи функционери на американската администрација.