Македонија
14. јуни 2016 - 9:47

Јолевски: Членството во НАТО придонесува за јакнење на стабилноста во ЈИЕ

Интегрирањето на земјите од Западен Балкан во НАТО придонесува за зацврстување на стабилноста и просперитетот на регионот. Евроатлантските интеграции се приоритет за Република Македонија, истакна министерот за одбрана Зоран Јолевски на средбата со министерот за одбрана на Република Франција, Jean-Yves Le Drian во Париз.
 
Како што соопшти Министерството за одбрана, поголемиот дел од состанокот бил посветен на самитот на НАТО, кој треба да се одржи следниот месец во Варшава. 
 
- Министерството за одбрана продолжува со реформите во Армијата, бидејќи со нив се придонесува за натамошно јакнење на армијата, како гарантор на територијалниот интегритет и суверенитет на Македонија, но паралелно и за исполнување на критериумите за членство во НАТО. Република Македонија ќе продолжи со учеството во НАТО мисијата “Одлучна поддршка” во Авганистан, истакна Јолевски. 
 
Во текот на состанокот биле презентирани аргументи зошто Република Македонија треба да добие покана за членство во НАТО, што е можно поскоро. - Министерот истакна дека очекува Грција да ги почитува своите обврски од Времената спогодба од 1995 година потпишана во седиштето на Обединетите нации и да овозможи Република Македонија да добие покана за членство во Алијансата, стои во соопштението.
 
Воедно, министерот Јолевски, се посочува, ја поздрави поканата за членство на Црна Гора во НАТО, а побара и напредок во интеграциските процеси за Босна и Херцеговина. - Со ова ќе се испрати порака дека НАТО е силен сојуз, кој го проширува членството. Македонија и другите земји од регионот покажаа дека се партнери на Алијансата, врз кои може да се потпре во зачувување на мирот и слободата во другите делови на светот, како што е Авганистан, рекол Јолевски, се наведува во соопштението.
 
На состанокот станало збор и за билатералната соработка меѓу двете земји во областа на одбраната која е оценета како одлична, и дека последниве неколку години се развива во нагорна линија. На средбата биле разменети мислења и за безбедносната состојба во Европа и светот.
 
Во рамки на посетата на Франција министерот Јолевски денеска ќе го посети Саемот за одбранбена индустрија кој се одржува во Париз, а потоа ќе отпатува за Полска каде ќе присуствува на најголемата воена вежба „Анаконда 2016“ што се одржува на европскиот континент оваа година. АРМ учествува со 154 војници и офицери, се наведува во соопштението од Министерството за одбрана.