Македонија
9. јуни 2016 - 16:17

Јолевски бара покана за членство за побрзо решавање на спорот со името

Покана за членство на Македонија во НАТО ќе помогне во решавање на спорот со Грција. Ова како порака од Вашингтон, до земјите членки на Алијансата го испратил, министерот за одбрана, Зоран Јолевски на панел дискусијата од конференцијата за проширувањето на НАТО, пред Варшавскиот самит.

Членството во НАТО за Македонија е како двонасочна авенија, од една страна дава поддршка на НАТО и сојузниците за воспоставување мир и стабилност, а од друга страна Македонија стекнува искуство, рекол Јолевски, кој ја потенцирал важноста од полноправното членство во Алијанската.

-Свесни сме за проблемот со нашиот јужен сосед за разликите околу името, но истовремено сме и сериозно посветени за изнаоѓање заеднички прифатливо решение. Упатувањето покана на Самитот во Варшава за Македонија во НАТО ќе помогне за јакнење на мерките на доверба меѓу двете земји.

Јолевски оценил дека поканата за членство на Црна Гора во НАТО е исклучително важна, бидејќи  испраќа пораката дека вратите на НАТО остануваат отворени, што пак го прави регионот постабилен. 

Хаки Абази програмски директор за Западен Балкан при Фондацијата на Рокфелер, пак потенцирал дека ова е историска можност да се заштити тоа во што е вложувано последниве 15 години на Балканот, да се покаже дека демократијата може да се развива во Балканот, но и заради безбедноста на Европа. Според него на претстојниот самит во Варшава најнапред треба да се прослави приемот на Црна Гора и да се покани Македонија.

Пред почетокот на Конференцијата Јолевски имал средба со претставници на бордот на Атлантскиот совет, со министрите за одбрана на Црна Гора и на Грузија. Јолевски во Вашингтон ќе има средби и во Пентагон и Херитиџ Фондацијата.