Македонија
9. August 2019 - 15:14

ЈО: Снимките објавени во италијанскиот весник не се од Обвинителството

Јавното обвинителство денеска соопшти дека снимките објавени во еден италијански медиум поврзани со предметот „Рекет“ не се добиени од Обвинителството, туку станува збор за аудио и видео материјали кои се дел од доказната постапка во предметот, а кои до Јавното обвинителство биле доставени од сведок во предметот.

– Јавното обвинителство во предметот постапува професионално и неселективно. Притоа се проверуваат сите индиции и сите аспекти. Истражната постапка е во тек и јавниот обвинител презема истражни дејствија за да се обезбедат доказите и да се утврди фактичката состојба според подготвен план, кој обезбедува целосно истражување на случајот. Доколку во текот на истрагата бидат утврдени елементи на други кривични дела или други сторители, постапката ќе биде проширена, а јавноста за тоа веднаш ќе биде известена. По целосно завршување на истрагата ќе биде донесена јавнообвинителска одлука, стои во соопштението.

Притоа, Јавното обвинителство се нагласува, дека годишните одмори не се одразуваат на водењето на истрагата.

– Во периодот кога дел од јавните обвинители користат годишен одмор назначени се обвинители кои ги заменуваат, како и истражители кои секојдневно активно работат на предметот. Функцијата на јавното обвинителство се извршува непречено, се посочува во соопштението од Јавното обвинителство.