Македонија
22. September 2020 - 14:30

ЈО: Немало насилство при подигањето на мртовецот, кривична за непостапување по здравствени прописи

Јавното обвинителство (ЈО) постапува по вчерашното подигање на мртовецот од Инфективното одделение при струмичката болница. Откако беше известено од МВР веднаш издаде насоки да се извршат проверки и во моментов полицијата постапува по дадените наредби се испитува медицинскиот персонал и се работи на утврдување на идентитетот на тие што го подигнале телото, информира портпаролката на ЈО, Елизабета Недановска.

-Според првичните сознанија, од тоа што е во моментот утврдено од страна на Обвинителството, е дека немало насилство од лицата кои го подигнале телото кон медицинскиот персонал, ниту, пак, кршење или уништување на инвентарот или на медицинската опрема, рече Недановска.

Досега е утврден идентитетот на три лица и откако ќе се утврди на сите и ќе се собере потребната документација до Обвинителството ќе биде поднесена кривична пријава.

-Во случајот најверојатно станува збор за кривична пријава за непостапување по здравствени прописи, затоа што со подигањето на телото е постапено спротивно прописите, додаде Недановска.

Од СВР Струмица за вчерашниот настан денеска информираа дека лекар од Инфективното одделение при струмичката болница пријавил дека околу 09:30 часот кај нив бил донесен пациент Џ.Р.(49), кој за кратко време потоа починал.

-Според пријавеното, откако биле известени најблиските на починатиот и од персоналот им било напоменато дека е можно да бил инфициран од вирусот Ковид-19, тие почнале да се однесуваат агресивно и го навредувале персоналот, по што влегле во објектот на Инфективна болница и заедно со креветот го изнеле надвор од објектот, а потоа го ставиле во патничко возило со кое заминале, стои во известувањето од Струмичката полиција.

Се додава дека СВР Струмица, во координација со јавен обвинител, презема мерки за целосно расчистување и документирање на настанот.

Инаку, по вчерашните инциденти во Струмица, за утре е најавен состанок на Локалниот совет за превенција на Струмица.