Балкан
13. July 2016 - 14:10

Јилдирим: Турските сили ги протераа курдските бунтовници од градовите

Турскиот премиер Бинали Јилдирим денеска изјави дека турските безбедносни сили во голема мера ги протерале курдските бунтовници од градските средини во земјата, пренесоа турските медиуми.

Во говорот пред претставниците на владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) премиерот изјави дека силите за безбедност ќе продолжат да ги прогонуваат бунтовниците во вонградските региони, „се додека не престанат терористички инциденти“.

Курдскиот конфликт во Турција минатото лето беше обновен по прекионот на примирјето, што траеше повеќе од две години.

Турција воведе 24-часовен полициски час во неколку града од југоисточниот дел на земјата, во рамки на офанзивата против бунтовниците од Курдската работничка партија (ПКК).

Околу 400 војници и полицајци и неколку илјади курдски бунтовници се убиени во судирите, наведува турската Влада.

Во операциите на турската армија против курдските бунтовници, кои поставуваа барикади во градовите во југоисточниот дел од земјата, беа убиени и цивили. Освен тоа, десетици илјади цивили беа принудени да ги напуштат своите домови заради борбите.

„Хјуман рајтс воч“ неделава соопшти дека турската Влада ги блокира независните истраги за претпоставните масовни злоупотреби против цивилите во југоисточна Турција.