Македонија
1. November 2018 - 16:18

Јавните функционери ќе можат да добијат државни пари но под построги критериуми

По скандалот со првиот јавен повик од Фондот за иновации, кога за грант аплицираа четири фирми блиски до функционери на власта, Фондот воведува предлог протокол по кој ќе се постапува, доколку во иднина компанијата апликант има носител на јавна функција во сопственичката структура.

Во пресрет на вториот повик, од Фондот велат дека ова ќе биде системско решение со кое ќе се врши проценка на ризик – дали компанијата има вистински одржлив бизнис или пак се пријавува наменски за добивање пари од буџетот

Транспарентноста на вистинските сопственици на компаниите е едно од најсилните барања кои доаѓаат од европските директиви, а македонскиот правен систем не познава основ, по кој јавни функционери не смеат да добиваат државни пари.

Предлог протоколот во наредниве 15 дена ќе биде отворен за дебата, а потоа низ него ќе треба да поминат четирите спорни фирми од првиот повик – компанијата „Микросам Прилеп“ поврзана со бившиот министер Веле Самак и „Декодикс“ каде што еден од сопствениците е снаата на Цветанка Ласкова.

Спорни беа грантовите и на фирмата чии малцински партнер беше сопругата на министерот за култура Асаф Адеми, како и компанија поврзана со поранешниот амбасадор Јован Донев.