Бизнис
8. November 2018 - 15:01

Јавна расправа за правилникот и уредбата за поддршка на производство на електрична енергија од ОИЕ

Обврската за упис во регистарот на електроцентрали во Агенцијата за енергетика за сите производители на електрична енергија од фотоволтаици и одредувањето на пресметковниот период за преземање вишоци на електрична енергија на само два месеца се главните забелешки што беа истакнати на јавната расправа за Правилникот за обновливи извори на енергија (ОИЕ) и Уредбата за мерките за поддршка на производството на електрична енергија од ОИЕ, подзаконски акти што произлегуваат од новиот Закон за енергетика, што денеска се одржа во Стопанската комора на Македонија.

На јавната расправа, на која беа презенирани Предлог-правилникот и Предлог-уредбата изработени од консултанти на Министерството за економија и Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања од УСАИД, присуствуваа експерти од областа на енергетиката на кои им беше предочено дека своите забелешки можат да ги кажат усно или да ги достават во писмена форма до изработувачите. Подзаконските акти ги дефинираат правилата по кои ќе се градат ОИЕ во наредниот период.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев порача дека новиот Закон за енергетика е максимално поддржувачки кон ОИЕ и додаде дека во Предлог-правилникот се одредува нова категорија, корисник-производител што, како што рече, значи дека секое домаќинство, мала фирма и буџетски корисник во змемјава покрај потрошувач на електрична енергија може да стане и производител од фотоволтаици или мали ветерни електрани.

-Со Предлог-уредбата се воведуваат нови правила на премиум тарифи што значи дека во иднина ќе се овозможи градење на сите фотоволтаични и ветерни електрани врз база на пазарна економија исто како што е во светот. Во Македонија има исклучително висока радијација на сончева енергија, а има изградено многу малку фотоволтаици, бидејќи во законот имаше лимит од субвенционирани фидинг тарифи до 18 мегавати инсталирана моќ, кој е исполнет од многу одамна. Тоа го блокираше процесот. Со донесувањето на подзаконските акти практично го деблокираме процесот на градење фотоволтаици и најавуваме дека Владата ќе биде посветена кон интензивно градење на електрани од ОИЕ. Ќе детерминираме државно земјиште на кое ќе овозможиме веќе урбанизирани парцели да бидат пристапни на пазарот за градење на фотоволтаици до 200 мегавати инсталирана моќ што значи сериозен енергетски потенцијал, рече Анѓушев.

Главната измена во правилникот, потенцира, е воведувањето можност секое домаќинство да стане и потенцијален производител на електрична енергија и начинот на кој ќе може тоа да биде компензирано. Со уредбата се дефинира дека фотоволтаиците и ветерните електрани ќе преминат од фидинг на премиум тарифи. Главен критериум за добивање премиум тарифа ќе биде кој ќе побара помала субвенција од државата.

Министерот за економија Крешник Бектеши порача дека во Министерството посветено ќе работат за побрзо да се имплементира се што е предвидено и на тој начин да се зголемат капацитетите на ОИЕ во Македонија.

Александар Дединец од УСАИД посочи дека повластена тарифа ќе можат да добијат хидроелектраните со инсталирана моќ до 10 мегавати, ветерните електрани до 50 мегавати, термоелектраните на биомаса и термоелектраните на био гас до еден мегават, а премиум тарифа ветерните електрани до 50 мегавати и фотонапонските електрани со инсталирана моќ до 30 мегавати. На покрив фотоволтаична електрана ќе може да инсталираат домаќинствата, малите фирми и буџетските корисници. Тие ќе можат вишокот на електрична енергија да го предаваат на снабдувачот само доколку не се снабдуваат од универзалниот снабдувач. За домаќинствата фотонапонскиот систем не треба да биде поголем од четири киловати, а за малите претријатија и буџетските корисници од 20 киловати. Тие ќе можат да го предаваат вишокот енергија на местото кадешто прават прием на електрична енергија и за тоа треба да ги исполнат сите предвидени технички услови. За таа намена прво ќе треба да потпишат договор со операторот на електродистрибутивниот систем, а потоа и со снабдувачот на електрична енергија. Предавањето на вишок на енергија ќе се врши по различни формули во зависност дали се предава поголемо количество на енергија од она што се добива од снабувачот или помало, а пресметковниот период ќе биде за два месеца, но снабдувачот може да понуди и друг начин на плаќање кој може да биде само подобар од предложениот.

Звонко Маркоски од СИЕТО посочи дека ќе биде неисплатливо за домаќинствата да вградуваат фотоволтаични сиситеми од четири киловати со премиум тарифите што се нудат и одредениот пресметковен период од два месеца за предавање на вишоците на енергија. Предложи пресметковниот период да биде на четири месеци. Забелешка имаше и на одредбата за упис на сите производители на електрична енергија од фотоволтации во Агенцијата за енергетика. Предложи уписот во регистарот да биде градациски, односно спрема капацитетот на системите за производство на електрична енергија, а за сопствено производство воопшто да не се плаќа, како и да не се пријавуваат во Агенцијата сите системи за сопствена потрошувачка. Нагласи дека за упис во регистарот на Агенцијата постојат трошоци од 1.000 до 2.000 евра, на што Дединец од УСАИД му укажа дека се предвидува уписот да биде без било какви трошоци и додаде дека регстрцијата на производителите се прави со цел полесно да може да се балансира системот.

Професорот Константин Димитров од МАЦЕФ предложи посебно да се обработат домаќинствата што произведуваат електрична енергија и за нив да не важи условот да можат да ги предаваат вишоците на енергија на снабдувачот само доколку не се снабдуваат од универзалниот снабдувач. Праша дали обврската за поставување двонасочно броило ќе биде на снабдувачот и побара снабдувачот со договорот да биде обврзан да ги презема вишоците на електрична енергија од предавачот, односно од домаќинствата. Предложи договорот да биде унифициран и ослободен од многу барања, како и да се стекнува на едно место, поточно за него да важи едношатерски систем. Забелешки имаше и за формулата за пресметка на плаќање за преземената енергија и истакна дека симулациите покажуваат оти снабдувачот на предавачот ќе му плаќа само 20-тина отсто од цената  на електричната енергија. Предложи да се плаќа врз основа на примен и предаден киловат час.

– Се што е направено во Предлог-правилникот е во насока на поддршка на снабдувачот и многу малку се мисли на домаќинствата. Пресметката не треба да биде на два месеца, туку најмалку на четири или, пак, не шест месеци, бидејќи во зима никој не произведува вишоци на електрична енергија од фотоволтаици, рече Димитров и побара да се прецизира дали пријавувањето  на електричните централи во Агенцијата за енергетика ќе биде обврска или не.

Илија Насов, претседателот на Соларната асоцијација на Република Македонија праша каде ќе можат да се пронајдат фирмите  кои се заинтересирани за инсталирање на фотоволтаици и имаат илјадници квадратни метри под покрив и зошто и за нив е ограничена максималната моќност на 20 киловати.