Македонија
24. December 2015 - 14:28

Јавна расправа за итните реформски приоритети

На денешната  јавна расправа за Итните реформски приоритети, вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими посочи на условената препорака за Македонија и рече дека во рамки на активностите на СЕП се реализираат низа посети на институции од кои нив ќе произлезе Извештај за импелементација на приоритетите што ќе биде доставен до Владата и до Европската комисија. 

Условот за да продолжи препораката, како што кажа Бесими на расправата што ја организаираше Националниот совет за евроинтеграции, е да продолжи реализацијата на дијалогот и имплементирање на политичкиот Договор и напредок во реализирање на итните реформски приоритети.

Вицепремиерот информираше дека веќе ги започнал посетите на институциите каде со првите луѓе се разговара за реализацијата итните реформи. Реализирани се со МИОА, со МВР, а денјеска тој ќе има средба со новите членови на Државната изборна комисија, со кои ќе се дискутира за тоа што е предвидено со итните реформски приоритети и која е агендата. Ќе се реализираат и средби во Министерството за правда, Судскиот совет, Академијата за судии и обвинители и други институции.

- Идејата за овие директни средби е да имаме извештај за нивото на остварување на реформите, за коишто ќе дискутираме во Владата и ќе ја известиме Европската комисија. Идејата е, како што е предвидено и со политичкиот договор, за парламентарните избори наредната година да имаме серија на директни информации во однос на напредокот и реформите предвидени за Македонија и ова да биде што посеопфатно до моментот кога ЕК ќе се наврати на Македонија по изборниот процес, рече Бесими. Овие посети, според него, ќе бидат поттик за институциите за спроведување на потребните реформи. 

Посочи на она што е направено во судството, изборните реформи, во делот на борбата против организиран криминал и корупција, медиумите...

Судството, според пратениците и претставниците на граѓанските организации, е најслабата точка и таму треба што поскоро да бидат реализирани итните реформи. 

Ермира Мехмети од ДУИ го критикуваше судството и посочи дека нашите закони се добри, но оти не се спроведуваат соодветно. Според неа, судскиот систем е во служба на политиката. Според неа, треба да се размислува за менување на начинот на изборот на судиите и како пример посочи на Србија. Зборувајќи за реформите, рече дека на политичарите во земјата Извештајот од Прибе треба да им служи како патоказ. Македонија, смета таа, по изборите на 24 април, треба да биде подобра од ова што е денес.

И Горан Мисовски од НСДП се согласи со констатациите на Мехмети за состојбата во судството, но тој рече дека Бесими не одговорил на клучното прашање, зошто во Македонија се говори за итни реформски процеси. 

- Денес имаме извештај на Прибе и на ЕУ во кој се констатира директна вмешаност на владини функционери во злоупотреба на власт, рече Мисовски. 

Во овие документи, посочи тој, се и спроведувањето на препораките од инцидентот на 24 декември 2012 година кога од собраниската сала беа исфрлени новинарите и пратениците од опозицијата.  

- Дека сме биле во право укажуваат две работи. Прво власта се обиде да не обвини за подготвување државен удар за што за ниту еден пратеник до денес од страна на јавното обвинителство нема покренато обвинение. Второ се индициите од т.н. бомби на опозицијата за начинот на криминалното владеење на оваа власт, рече Мисовски, кој уште еднаш побара да се утврди кој ја издаде наредбата новинарите и пратениците да бидат изнесени од салата и кој требаше да ја изврши. 

Граѓанскиот активист Суад Мисини исто така смета дека во судството во Македонија треба да се направи генерален реизбор. Во однос на последните измени на Изборниот законик смета дека е недозволиво рок од три месеци по изборите политичките партии да поднесуваат финансиски извештаи. Оти исто така дека треба да се прави увид во изводите на нивните банкарски сметки и дека пари за изборни цели не смеат да се префрлуваат по денот на изборите.