Македонија
30. November 2022 - 16:35

Јавен повик до претседателката на Судскиот совет да ја пријави судската бизнис елита

Дали постои судско-бизнис елита која беше причина претседателката на Судскиот совет да си даде оставка од функцијата? Првиот човек на правда, Тупанчевски, смета дека е загрижувачка изјавата на сега веќе екс претседателката Црвенковска, а недлежните институции треба да постапат по овој случај.

Премиерот Ковачевски на истиот став со министерот за правда. Вели извршната власт не може да се меша во правосудството, но доколку Црвенковска имала притисоци тоа треба да се решава институционално.

Претседателот на Кривичниот суд не сакаше да коментира околу постоењето на судско-бизнис елитата, ниту пак кој ја сочинува, но смета дека во неговиот суд такво нешто не постои.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираат- оставката на Црвенковска е резултат на и онака урнисаното судство.

Иако Црвенковска беше предложена и ставена на позицијата како партиски пиун на власта, со најновите случувања очигледна е борбата помеѓу двете партии во власта, кој да има поголема контрола во судските органи, а најголема штета од тоа трпат државата и граѓаните.- велат од опозициската партија.

Додека судскиот совет во понеделник ќе бира кој ќе седне на претседателската функција на Црвенковска, Советот на јавни обвинители не може да обезбеди кворум за гласање на Виш јавен обвинител. Откако Фатиме Фетаи и Бурим Рустеми ги повлекоа кандидатурите, единствен кандидат останува обвинителот Мустафа Хајрулахи. Претседателот на Советот на јавни обвинители вели најрано кон средината на декември може да се обезбедат услови за гласање, но ни тој период не е гаранција.

Инаку денеска во затворот Идризово беше отворена новата дигитална судница, а на 14 декември ќе се одржи и првото судење.