Македонија
24. September 2016 - 14:29

Јапонски туроператори заинтересирани за туристичката понуда на Македонија

Туристичките потенцијали на Македонија и можностите за субвенционирање кои ги нудат Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот и Владата се презентирани пред повеќе од 30 јапонски тур оператори во рамки на Саемот за туризам во Јапонија (JATA EXPO 2016).

Презентации на саемот одржаа директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Лела Крстевска и амбасадорот на Македонија во Јапонија, Андријана Цветковиќ.

На Саемот, соопштуваат од АППТ, имало 180.000 посетители и 1.700 тур-оператори, организации и институции изложувачи од 140 држави од светот. Најпознатите јапонски туроператори JTB, Asashi Sun Tourist, Yomiuri Travel Service, Miura Business associates, Kinki Nippon Tourist, Jalpak, Alpine Tour Service, Noe, Yama Oto Umi, според соопштението, биле заинтересирани за туристичката понуда на земјава како неоткриена дестинација што можат да ја понудат на своите туристи.

Воедно, една од најпознатите медиумски групации FOX Networks Group пројавила интерес за снимање и документирање на убавините на Македонија, а со тоа и запознавање на пошироката јапонска јавност со туристичките потенцијали со кои располага државата.

Крстевска учествувала и на Министерскиот самит  во тек на саемската манифестација, како еден од настаните на која беа присутни и голем број претставници од националните туристички институции од повеќе земји како и генералниот секретар на Светската туристичка организиација Талеб Рифаи.

Се одржале и средби со директорите на националните туристички институции на земјите од Балканот присутни на овој саем со цел зедничко дејствување и претставување пред јапонскиот туристички пазар за привлекување што поголем број јапонски туристи на Балканот преку кружни патувања во кои ќе бидат вклучени неколку земји меѓу кои и Македонија. Јапонскиот интерес е главно фокусиран на запознавање на историјата, културата и традицијата на Македонија, се  вели во соопштението.