Живот
29. July 2020 - 10:36

Јапонски научници оживеале микроби стари 100 милиони години

Научниците успешно оживеале микроби кои лежеле на дното на морето од времето на диносаурусите, овозможувајќи им да се хранат, па дури и размножуваат. Ова истражување фрли светлина врз неверојатната моќ за преживување на некои од најпримитивните живи видови на Земјата, кои можат да опстанат десетици милиони години речиси без кислород или храна, а потоа да заживеат во лабораториски услови.

Тим предводен од Јапонската агенција за морски науки и технологии анализираше примероци од древен талог што се создал пред 100 милиони години на морското дно во Јужниот Пацифик. Тие успеале да ги оживеат речиси сите микроорганизми собрани од талогот, каде што спиеле со милениуми.

„Ова ни покажа дека нема временски ограничувања за организмите од биосферата под морското дно. Во најстарите талози што ги дупчевме сѐ уште има живи организми и тие можат да се разбудат, растат и размножуваат“, изјави Јуки Мороно, водачот на истражувањето.

Тој појасни дека тие преживеале благодарение на трагите на кислород во талогот, без воопшто да трошат енергија.