Македонија
19. October 2018 - 21:07

Јанушев: Власта врши жестоки уцени врз пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев вечерва обвини дека структури на власта и структури кои одработуваат за оваа власт вршат жестоки уцени, закани и притисоци врз пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“.

– Собранието на Република Македонија се претвори во пазар, и арена на притисоци, закани и уцени. Денес добива совршена смисла се она што се случуваше во изминатата година ипол. Во Македонија се апсат луѓе заради политички прогон, а денес се пробува да се тргува со нивната слобода. За возврат се бара поддршка на уставните измени произлезени од договорот со Грција, рече Јанушев.

Според него, се ветуваат парични награди за послушните, а доколку не се прифати, се местат сведоци, се креираат случаи.

-Се врши влијание врз блиски роднини на пратениците, се врши заплашување. Политичкото обвинителство да обвинува, политизираното судство да суди, а Заев да договара, товари или ослободува луѓе. Ќе споменам неколку примери, на еден пратеник му се понудени еден милион евра за да гласа за договорот, истите се одбиени, на друг пратеник му се понудени два милиони евра, на трет 250 илјади евра. Сето ова е одбиено бидејќи достоинството нема цена, се работи за нашата татковина. Дополнително се активираат полициски структури, структури на безбедносните служби, а околината на самото Собрание е под опсада на ликови со бричени глави кои се познати на подземјето.

Ова што Заев денес го нарекува обиди за создавање на мнозинство, посочи, во реалноста е насилие, насилие токму врз македонскиот народ.

– Дозволете во оваа прилика да им одадам признание на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за Подобра Македонија кои не подлегнаа на притисоците и заканите, кои  во овие моменти се стожерот врз кој се потпира волјата на граѓаните, вие сте последната брана пред оваа налудничава и недемократска Влада и наша заедничка обврска е да опстоиме. И ќе опстоиме. И ќе победиме, додаде Јанушев.

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали има докази за тоа што го зборува и дали може да ги презентира во јавноста и на кои пратеници се понудени пари, рече „со цел пратениците да се заштитат како такви повикуваме токму затоа Јавното обвинителство веднаш да ги испита сите овие наводи, да се дадат исказите и да се излезе во јавноста онака како што е редот во една правна држава“.

На прашање кој ги нудел парите, тој смета дека во овој момент е потребно да продолжат со нивната броба без при тоа да им наштетат на тие кои се на самиот браник во таа борба.

Во врска со тоа што го спомнал дека околу Собранието има луѓе со бричени глави, која е нивната улога таму и дали можеби се подготвува ново сценарио кое би ја втурнало Македонија во нова политичка и безбедносна криза, Јанушев одговори дека се надева оти тоа не е вистина и сето тоа ќе остане само на заканите и уцените.

На прашање како ќе ги заштитат пратениците од нивната коалиција или партија кои можеби ќе гласаат за уставните измени, рече дека во овој домен буквално е се врз основа на шкеулации и дезинформации.

– Слушавме најразлични шпекулации. До овој момент немаме никакви потврдени информации по однос на тоа дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ ќе даде поддршка на овој договор. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат присутни на седницата, додаде Јанушев.