Македонија
3. May 2019 - 21:15

Јанушев до граѓаните: Да се избориме на 5-ти мај за правда за Македонија, од Вашиот глас зависи иднината на нашата земја!

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, испраќа неколку пораки во пресрет на изборите кои ќе се одржат во недела.

Неговиот Фејсбук статус го пренесуваме во целост:

5-ти мај е денот кога треба да покажеме од каков материјал е нашата организација која во себе, не заборавајте, ги носи идеалите на илинденците, беше основата на која се повикуваа партизаните, активно учествуваше во борбата за независност.

ВМРО се буквите кои уште како дете кај мене раѓале посебно чуство на гордост, на родољубие, асоцијација за местото каде се чува огнот на македонизмот кој доаѓа од сршта, душата на нашиот народ. И оваа организација имала свои подеми, но и свои падови. Секогаш кога во минатото грешела, народот испраќал порака. И сите тие поуки ние ги знаеме, учиме од грешките и се поправаме. Но, денес одново се соочуваме со противник кој е штетен за нашата земја, кој е на колена, но не е нималку наивен. Тие се демаскирани, во страв и паника, но тогаш се и најопасни бидејќи се спремни на се. За нив колку повеќе Македонија пропаѓа, толку им се побагати паричниците. Но, ние сме тие кои мораме да се спротивставиме. Затоа нашата победа над нив ќе биде победа за Македонија, победа над неправдите и шанса да покажеме дека ВМРО ќе понуди решенија за секој еден човек, онака како што само ние знаеме и умееме да работиме- посветено, искрено, чесно. За нив ова се избори со кој сакаат да си ги заштитат матно спечалените богатства, за нас оваа е битка на душата и честа, за Македонија.

И сето ова денес го правам затоа што сум воден од идејата за Македонија, како што бев и кога прв пат стапнав во мојот месен комитет, кога прв пат гласав за ВМРО, кога прв пат излегов на протест, кога прв пат стапнав во жолтата куќа и ги слушав постарите како зборуваат за војводите, комитите, кога се радувавме на победите и тагувавме за поразите и си ветивме дека нема да се повторат грешките.

Јас ова го правам зошто имам два сина кои сакам да имаат иднина во земјата која мене ми значи се, како и на сите Вас браќа и сестри кои ја делите истата загриженост. Или ќе ја одобрите оваа власт или ќе се спротивставите. Од сите нас зависи, и нема повеќе изговори. Победата треба да се изработи, да се даде последниот атом од силата, и колку власта да притиска, ние треба порешително да ги поразиме. Има денови кои се од особена важност, на кои се сеќаваме со особена гордост, денови во кои сме се избориле за нашата и судбината на нашите блиски, на кој што сме покажале дека не сме за потценување, туку кораво сме се избориле за она во што веруваме.

Нашето утро, ден и ноќ го посветуваме на Македонија, затоа што таа ни е се! Да се избориме на 5 мај за правда за Македонија! Од Вашиот глас зависи иднината на нашата земја!