Македонија
25. February 2019 - 14:10

Јанкулоска: Станува збор за крајно неправична постапка, а судот во „Тенк“ ја изгуби улогата на арбитер

Поранешниот министер за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, во својата жалба до Апелација, истакна дека првостепената пресуда е нејасна и противречна и не се истакнати одлучувачките факти и докази. Таа смета дека станува збор за крајно неправична постапка и Судот ја изгубил таа улога на арбитер и се ставил во функција на СЈО. Поради тоа, Јанкулоска бара Апелација да ја разгледа внимателно нејзината жалба и да го врати предметот на разгледување и повторно одлучување.

-Обвинението произлезе од кривично-правен настан кој се стави во функција на политичка кампања за промена на функционери меѓу кои и јас, како и за смена на Владата, вели Јанкулоска.

Според неа, целосно била игнорирана Европската судска пракса во „Тенк“.

-Во жалбата пренесов неколку примери, случаи, неколку Европски судски пресуди, но во интерес на времето нема да ги читам сега, а Вие ги имате пред Вас и имате можност да ги разгледате, рече таа.

На крајот од презентација на жалбата, Јанкулоска потенцираше дека во целост останува на се што е напишано во жалбата и зад сите суштествени законски повреди кои се направени во оваа судска постапка.