Македонија
27. August 2016 - 16:21

Јанис Бутарис : Не ми смета македонскиот јазик, потребно е да се развие атмосфера на доверба меѓу Македонија и Грција

Господине Бутарис добредојдовте во Охрид во Република Македонија. Најпрвин како се чувствувате?

Прв пат кога бев во Охрид беше во 1969 година, 69-та или 70-та. Разликата е огромна. Не се сеќавам на многу работи, но разликата е огромна. Шетав низ стариот град кој е многу обновен и заштитен. Го видов кејот и прекрасните кафулиња, ресторани и цркви. Ги имате сите неопходни привилегии за многу убав и прекрасен туристички престој, одмор и други работи. Но, не само Охрид, туку и многу други места околу Охрид. Знаете, денеска туризмот не е само пакет-туризам, луѓето сакаат на одат на разни други настани, културни, природни и слични.

Во моментов се спроведуваат мерките за градење доверба. Како мислите дека тие влијаат на односите меѓу двете земји и двата народа?

Видете, мерките за градење доверба се политичка работа. Тоа значи дека тие се договориле за конкретни работи со кои се решаваат соодветни проблеми кои отсекогаш постојат помеѓу две соседни држави и истите полесно да се решат. Мислам дека единствен и најдобар начин за мерки за градење доверба и верба помеѓу луѓето е тоа што ние го правиме. Тоа што ние го правиме го викаме дипломатија помеѓу градовите. Цврсто веруваме дека ако градовите меѓусебно се познаваат тогаш сите политички разлики ќе бидат многу полесно решени.

Главна политичка разлика е прашањето за името Дали имате некакви очекувања за решавање на ова прашање во блиска иднина и како?

Видете, не можам да кажам многу работи околу тоа. Ако Грција се согласи со композитно име, Македонците колку што знам не се согласуваат на композитно име. На некој начин тие се во право, бидејќи генерации по генерации растеле со идеа дека жевееле како Македонци.

За кои Македонци зборувате?

-За овие Македонци. Проблемот е во, како би рекол, погрешното интерпретирање на историјата. Тоа не е лесно прифатливо за Грците, бидејќи Македонија е голема територија на Балканот. Македонија по војната била поделена на три дела, грчка Македонија, која е најголемиот дел, словенска Македонија – југословенската Македонија и мал дел во Бугарија. Мислам дека композитно име како Нова Македонија, или Северна Македонија ќе биде лесно прифатено. Освен тоа, силно верувам дека Македонците се обидуваат да си го најдат идентитетот, а нивниот идентитет е словенски. Значи, има многу големо историско словенско присуство во регионот , кое е многу убаво и многу големо, така што не постои причина да се претендира дека сте нешто друго. Историјата на регионот е таа. Историјата на регионот е грчка, римска, византијска и друго. Присуството на словенското население во регионот само по себе е многу големо и треба да бидете горди на него.  Тоа се моите убедувања.

Морам да приметам дека неколкупати ја менувате вашата позиција во однос на постоењето на македонскиот јазик и македонската нација. Како гледате сега на посебна македонска нација со сите нејзини идентитетски карактеристики?

Прво, кога зборуваме за македонскиот јазик. Не се грижам ако јазикот се нарекува македонски. Тоа е словенски јазик и навистина не се грижам. Ние немаме македонски јазик, ние имаме грчки јазик. Значи навистина не се грижам за тоа. Тоа што ме вознемирува, а мислам дека ги вознемирува сите во Грција е ова менување на историјата. Се уште инсистирам на тоа, дека словенското население има толку многу работи на кои треба да биде гордо, што не треба да претендира. Тоа дошло во оваа област илјада години по Александар Велики. Значи каква е поврзаноста? Велам дека историјата на регионот е толку измешана со култури, што не можете да бидете таму и на некој начин да се обидете да украдете историја од некое од племињата, како Македонци.

Сите овие подобрувања во изминатиов период, подобрата соработка помеѓу државите, помеѓу народите, туристите од двете земји патуваат во Грција и во Македонија, бизнисмените комуницираат, универзитетите соработуваат, дали тоа го прави спорот за името неразумен? Еднаш рековте дека прашањето за името е политичка творба.

Да. Како градоначалник на Солун имам тенденција, официјална позиција, дека кога велам Македонија, наместо поранешна југословенска република Македонија да ме обвинуваат дека го прифаќам името. Тоа не е така. Тоа е само начин на кој зборувам.  Мислам, фактите се дека многу инвеститори доаѓаат од Грција во Скопје, главно во Скопје и не само во Скопје туку и во околината. Тутунска индустрија, фабрики и многу други бизниси во Скопје. Многу луѓе, главно од Скопје доаѓаат во Солун, во местата за рекреациа или одмор во околината на Солун, на Халкидики или Пиреја, Катерини, покрај морето. Но, не само за одмор. Тие доаѓаат за рекреација, за шопинг . Тоа е добра работа. Едни од други профитираме, со ова движење на луѓето. Мислам дека политичарите треба да го разберат тоа и да почнат да прифаќаат работи што се повеќе од реалност, отколу да фантазираат за не знам што.

Како го оценувате подобрувањето на прекуграничната соработка и што треба да се направи во економската соработка, на кои области таа треба да се насочи?

Прво, мислам дека треба многу да помогнеме, колку што можеме да помогнеме Македонија да влезе во Европската унија. Влегувањето Европската унија главно е политичка работа, а после тоа е економска работа. Членството во Европската унија значи да се биде дел од семејството, на понапредни, покултурни и поцивилизирани нации. Ако влезете во семејството, како што е Европската унија работите ќе станат многу подобри. Ќе ги прифатиме истите правила, истиот начин на водење бизнис, на правда, на економија, на политика и слично. Постојат многу погрешни работи во Европската унија. Но, тие може да се подобрат со дискусии, со седнување на маса и разговарање и главно преку компромис. Ако не правите компромиси во животот, другиот компромис е војна. А, војната никогаш не е решение.  Ако правите компромис, разбирате дека вие имате право и јас имам право, и двајцата сакаме да бидеме пријатели и затоа мора да направиме компромис. Не постои друг начин.

Вие сте еден од главните говорници на школата за млади лидери на Претседателот Иванов. Како го оценувате овој проект?

Мислам дека е многу важен. Мислам дека е многу важно, како што дознав вчера, тоа што најголем дел од студентите кои ја посетуваат оваа школа доаѓаат од Македонија. Тоа е добра работа бидејќи, не смееме да заборавиме дека во Југославија, која во тоа време беше една држава, и начинот на кој Тито ги водеше работите, Македонија, Република Македонија беше потценета. Оттаму, Македонија мора да си го најде сопствениот идентитет, да најде начин да се подигне на соодветно ниво за што ви требаат едуцирани луѓе, за да ја водат државата едуцирани луѓе во новинарството, во правосудството, во економијата. Ваквиот вид школа помага во создавањето на тие работи.

Господине Бутарис ви благодарам за интервјуто.