Балкан
9. September 2015 - 23:58

Јанез Јанша ќе бара отштета од Словенија од милион евра

Поранешниот словенечки премиер Јанез Јанша може од државата да бара отшетата од милион евра за 176-те дена минати во затворот Доб, и покрај тоа што во Словенија отшетата за еден ден минат во затвор не преминува 50 евра, објави агенцијата Хина, повикувајќи се на словенечките медиуми.

Уставниот суд на Словенија ја укина пресудата за поранешниот словенечки премиер во случајот со набавка на воени возила од финската фирма „Патриа“, а пресудено е да нема ново судење заради застареност на целиот случај.

Адвокатот на Јанша, Франци Матоз, не сакаше да го потврди таквото барање за отштета, а за телевизијата ПОП-ТВ тој изјави дека поништувањето на пресудата покажало дека Јанша невин во затвор минал 176 дена, но дека за евентуалното барање за отштета ќе размислуваат подоцна.

 Порталот на словенечки Телеком наведува дека судовите вообичаено на невино осудените лица им досудуваат минимална отштета од околу 50 евра за секој ден минат во затвор.

Медиумите тврдат дека Јанша ќе побара околу милион евра но дека  со државата би можел да се спогоди за околу 500.000 евра. Како што медиумите тврдат, Јанша во тужбата ќе се повика на специфичните околности на својот случај.

Правниците наведуваат дека специфичните околности за повисока отштета од вообичаената во неговиот случај се дека е тој политичар кому целата афера му нанесе многу штета бидејќи изби во време додека тој беше претседател на владата така што таа многу силно му наштетила на неговиот углед и неговата политичка партија во политичката борба.

Дополнителна причина за високата отштета во неговиот случај би можела да биде и дека во време на престојот во затворот не можел да се грижи за семејството и за двете малолетни деца кои ги има со втората сопруга.

Станува збор за надомест за душевна болка, повреда на доброто име и личните права, како и за материјална и нематеријална штета нанесени со престојот во затворот.

Јанша од финскиот новинар Магнус Берглунд, кој во 2008 година го изнесе тврдењето дека тогашниот словенечки премиер од финската фабрика „Патриа“ за местење на тендерот за набавка на оклопни возила, по судски пат побара отшетата од милион евра, но судот во Љубљана во 2012 година му додели само 21.500 евра, а неговата жалба на овој износ на отштетата беше одбиен.

Уставниот суд на крајот ја укина правосилната пресуда за Јанша и уште тројцата осудени во овој предмет, а целата постапка беше запрена бидејќи на крајот застаре.

 Словенечките медиуми наведуваат дека судските трошоци во предметот биле енормни, а се проценуваат на пет милиони евра, па сега се поставува и прашањето кој е виновен и за тоа.

Откако целиот процес беше запрен заради затрареност, Јанша изјави дека сметката треба да им ја испрати на оние кои случајот и го иницираа од политички причини и притоа побара кадровски промени во правосудството.

Коментирајќи го прекинот на процесот, словенечкиот премиер Миро Церар кажа дека ниту за Словенија како правна држава, ниту за Јанша и останатите кои биле обвинети не е добро оваа работа да остане без епилог бидејќи на тој начин останува сомнежот дека работите околу „Патриа“ не се до крај расчистени.