Балкан
14. July 2016 - 21:38

ОН ја поздрави намерата на Турција да им даде турско државјанство на сириските бегалци

Обединетите нации ја поздравија намерата на Турција да им даде турско државјанство на сириските бегалци во земјата, пренесе агенцијата Анадолија.

Портпаролот на ОН, Стефан Ѓужариќ, синоќа изјави дека меѓународната заедница е „благодарна“ за напорите на Турција да помогне во олеснувањето на бегалската криза.

- Меѓународната заедница е многу благодарна за се што турската Влада и турскиот народ направија, покажувајќи огромно гостопримство за милионите Сиријци, кои добија азил во Турција или минаа преку неа, рече Ѓужариќ.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на почетокот на месецот изјави дека Сиријците во Турција ќе имаат шанса да станат државјани на земјата, која им додели азилантски статус.

Турскиот премиер Бинали Јилдерим синоќа го осуди противењето на опозицисите партии, нарекувајќи ги „злонамерни“ опонентите на владиниот план.