Бизнис
20. November 2018 - 19:39

Извршителите се жалат од новиот тарифник, државата не отстапува од намалувањето на трошоците за присилна наплата

Извршителите се жалат на новите тарифи, државата не отстапува од ветеното намалување. Новиот Закон за извршување ќе ги скастри приходите на извршителите за 60-90%. Иако сèуште немаат заеднички став за новата тарифа, предложеното намалување за извршителите е неприфатливо.

“Нашите анализи покажаа дека тоа е преголемо намалување и мислам дека тоа ќе биде предмет на преговори со Министерството заради тоа што и согласно Законот, Министерството ќе побара мислење од Комората на извршители”, изјави Зоран Димов, претседател на Комора на извршители.

Државата нема да отстапи од залагањата да ги намали тарифите за присилна наплата на долгови. Велат дека законското решение ќе биде во полза на граѓаните.

“Се надевам дека ќе добиеме одредена поддршка и од делот на Комората на извршители во процесот на намалување на трошоците заради тоа што навистина е недозволиво граѓаните да плаќаат за долг кој што го направиле пред повеќе години по 20 пати повеќе од основниот долг”, изјави Рената Дескоска, министерка за правда.

Банките веќе ги одобрија измените, со што за деблокирање воопшто нема да се наплаќа надомест од најзагрозените категории граѓани.

Според новиот Закон за извршување, што веќе е во собраниска процедура, нотарската награда ќе изнесува 10% од главниот долг, но не повеќе од 500 денари. Наградата за извршител за долгови за комуналии не може да надмине 20% од главниот долг.

Инаку, во земјава во моментов има 98 извршители, кои само лани наплатиле околу 166 милиони евра.