Македонија
29. September 2020 - 11:27

Извршена дезинфекција на сите основни училишта во општина Центар

Општина Центар изврши дезинфекција на сите осум општински основни училишта на својата територија, за безбеден почеток и отворање на училиштата за учениците кои ќе посетуваат настава со физичко присуство, од прво до трето одделение.

-Со цел зголемување на безбедноста и почитување на превентивните мерки, овластена компанија, изврши темелна дезинфекција во внатрешноста и на надворешните делови на училиштата. Со дезинфекција се опфатени сите влезови и излези во училиштето, подовите, ходниците, скалите, тоалетите, просториите за вработените, помошните простории, како и сите работни површини каде што учениците ќе имаат контакт при следење на наставата за време на училишниот престој, велат од Општината.

Досега целосно се дезинфицирани основните училишта: „Димитар Миладинов“, „11 Октомври“, „Св. Кирил и Методиј“, „Кочо Рацин“, „Ј. Х. Песталоци“ и „Коле Неделковски“, а во текот на денешниот ден ќе завршат дезинфекционите активности во училиштата „Киро Глигоров“ и „Гоце Делчев“ и ќе се овозможи безбеден старт на учебната година на 1 октомври.

Од Општина Центар истакнаа дека се целосно подготвени за почеток на новата учебна година. Преземени се сите безбедносни и хигиенски мерки, во училиштата се обезбедени потребните дезинфекциски средства и бесконтактни топломери, училниците се адаптирани за почитување на потребното растојание, поставени се локатори и скалести обележувачи за движење на учениците и табли со инструкции. Наставниот кадар, стручните и административните служби се подготвени да ги применуваат пропишаните протоколи за безбедно одвивање на наставата со физичко присуство до трето одделение за учебната 2020/2021 година.

Училиштата во Општина Центар се технички подготвени за реализација на онлајн настава за повисоките одделенија, а наставниците се соодветно обучени за примена и спроведување на наставата на националната платформа за образование.