Бизнис
13. May 2022 - 11:34

Извозот од ТИРЗ над милијарда евра во првите четири месеци од годинава

Во првите четири месеци од годинава извозот од Технолошко индустриските развојни зони (ТИРЗ) достигна 1.1 милијарда евра и е највисок споредено со истиот период во изминативе четири години, покажува денеска објавената редовна месечна анализа на Дирекцијата на ТИРЗ. Само во однос на 2021 растот е за четири проценти, во однос на пандемиската 2020 за 74 проценти, додека споредено со истиот период во 2019 и 2018 година извозот е зголемен за 19 проценти односно за 51 процент.

Од ДТИРЗ посочуваат дека извозот само во април е приближно на исто ниво како во март, додека увозот е зголемен за пет проценти споредено со претходниот месец годинава. Вкупниот увоз во првите четири месеци од годинава достигна речиси милијарда евра што е за 75 проценти повеќе од 2020 година, односно за 13 проценти повеќе од 2019 и 55 проценти повеќе од 2018. Анализата во април покажува и зголемен увоз од речиси два процента наспроти извозот што се должи на складирање залихи кај компаниите. Вкупниот нето извоз заклучно со април е над 10 проценти.

Според анализата, околу 70 проценти од компаниите имаат пораст во извозот во април годинава однос на април 2021.  Раст од речиси четири проценти има и кај бројот на вработени во април годинава споредено со истиот период лани. Во зоните во моментов работат над 14 500 лица.

-Исто така првичната годишна анализа за 2021 година покажа дека просечната плата во технолошко – индустриските развојни зони за првпат е над државниот просек и тоа за три проценти, што се должи и на зголемениот број на вработени кој во 2021 година е за пет проценти повисок од 2020. Се очекува ваквиот тренд да продолжи и годинава со реализација на новите странски инвестиции во зоните, велат од Дирекцијата на ТИРЗ.