Македонија
27. April 2018 - 17:36

Извлечено возило од езерото Калиманци

Специјалната нуркачка екипа на Министерството за внатрешни работи попладнево  од езерото Калиманци извлече возило марка Ауди.

Портпаролот на СВР-Штип, Гордана Панајотова за МИА потврдува дека од вчера специјални тимови со чамци го истражувале теренот, кој бил обезбеден од полициските службеници. Од водите на езерото Калиманци извлечено е возилото кое било со швајцарски регистерски таблички.

Во меѓувреме, МВР соопшти дека М.Н. (44) од Виница на 24 април во 13.00 часот во Полициската станица Виница, пријавил дека во периодот од 22 часот на 23 април до 11 часот на 24 април од страна на непознат сторител му било одземено патничко возило „Аudi Q7“ со швајцарска национална ознака, кое било паркирано на ул. „Ангел Винички“ во Виница. 

Истиот ден, во 18.30 часот во Полициското одделение Македонска Каменица, Б.М. (39) од Македонска Каменица пријавил дека во близина на „Рибнички мост“ на место викано „Буришјето“, атар на с.Илиово, Делчевско, на земјениот пат забележал траги од возило кои воделе кон браната „Калиманци“.

- Полициски службеници излегле на лице место при што биле пронајдени две пластики кои припаѓале на патничко возило „Аudi Q7“. На 26.04.2018 година околу 11.00 часот од страна на тим нуркачи од Единицата за специјални задачи било извршено пребарување во браната „Калиманци“ при што на длабочина од 18 метри било пронајдено возилото, кое денеска беше извлечено од браната, појаснуваат од МВР

(МИА)