Македонија
29. јуни 2020 - 16:43

Извештајот од распитот на Дончев најдоцна до утре ќе биде испратен во ОЈО

Извештајот од распитот на Ден Дончев најдоцна утре ќе пристигне во Обвинителството за гонење криминал и корупција. Министерот за внатрешни, вели дека од разговорот со екс директорот на Фондот за здравство, биле прибрани информации за видеото на кое тој се гледа како зема пари. Добиените податоци ќе бидат испратени во обвинителството кое треба да одлучи за понатамошната постапка, вели Чулев.

„Со оглед дека обвинителството е институција која раководи со кривичните истраги, значи чекаме дополнителни насоки од страна на обвинителството“, вели Наќе Чулев, Министер за внатрешни работи.

Чулев апелира до полициските инспектори да ги повикаат на распит сите оние чии гласови се слушаат во серијата објавени разговори.

„И сега ја користам оваа прилика да ги повикам полициските службеници доколку сметаат дека има потреба за добивање дополнителни сознанија и информации или податоци за лицата кои што беа објавени на јавно објавените аудио и видео материјали, да се повикаат на разговор со цел добивање на дополнителни сознанија кои што подоцна ќе бидат доставени до Јавното обвинителство“, вели Чулев, Министер за внатрешни работи.

Во меѓувреме се појавиа и нови аудио снимки за кои се тврди дека во нив се слушаат  лидерите на двете најголеми политички партии. Во едниот разговор наводно Заев објаснува дека тој стои зад Шарената револуција и најавува освета кон коалициските партнери. На другата снимка, за која се тврди дека говори Мицкоски, се слуша како со донација од 10 илајди евра бил платен автобуски превоз за анти владин протест на 2 јуни.