Македонија
12. јуни 2019 - 17:14

Извештајот на ОБСЕ со забелешки за функционирањето на СЈО

Вториот преоден извештај на ОБСЕ за работата на СЈО, ги скара Катица Јанева и адвокатите кои ги водат овие предмети. И мисијата на ОБСЕ во земјава и одбраната бараат специјалното обвинителство да им ги даде на обвинетите телефонските разговори кои ги користи како доказ, но и реагираа на пречестото закажување на рочиштата, кога на обвинетите во еден ден им се закажуваат и по две или три различни судења. Ваквите коментари ја налутија Јанева. 

- Не сме тука да ги жалиме обвинетите. Како што е ред, тие треба да бидат присутни во судница, па и секој ден доколку е потребно, бидејќи се обвинети. Точно е дека прислушуваните разговори не се дадени, но тоа е од причина да се заштити приватноста. Не можеме да оспоруваме нешто што е кристално јасно, за што се донесени договори и изгласани закони. Ние сме сериозна институција. Тоа што сметате дека е нарушено правото на одбрана не држи вода и ова не е место за образлагање, реагираше Јанева.

Според ОБСЕ дел од преметите на СЈО се преплавени со докази и сведоци кои понекогаш се и нерелевантни за предметите. И покрај ова шефот на мисијата вели дека ги ценат работата и резултатите на специјалното обвинителство и побара од политичките партии во земјава да најдат решение за статусот на СЈО и продолжување на нивниот мандат.   

Во својот извештај мисијата на ОБСЕ препорачува и измени на законската рамка за да се намали ризикот од бегство на обвинетите и осудените. Повикувајќи се на конкретниот пример со бегството на екс премиерот Груевски, меѓународните набљудувачи сметаат и дека оние кои свесно избегале од правдата не треба да добијат можност за повторување на судењето откако ќе се вратат во земјава.