Македонија
20. September 2018 - 20:08

Извештај на Стејт Департментот: Македонија соработува во антитерористичките напори

Македонија соработува со Соединетите Американски Држави во антитерористичките напори и е членка на Глобалната коалиција за пораз на Исламаска држава, стои во денеска објавениот извештај на Стејт департментот за тероризмот и насилниот екстремизам.  Се наведуват проценките на македонското МВР дека во земјата се присутни припадници и симпатизери на ИСИС.   Најмалку  150 македонски државјани отпатувале да им се приклучат на терористичките групи во Сирија и во Ирак. Од  нив, 30 се убиени, 40 и понатаму се присутни таму, додека 80 се вратиле во Македонија.

Македонските власти во април минатат година, пред велигденските празници,  презедоа антитерористичка акција, се наведува во извештајот. Заедно со регионален партнер, беа  приведени лица  за испрашување, но никој не бил обвинет.

Во извештајот се посочува дека САД активно и помагаат на земјата да го зајакне капацитетот во справување со терористичките закани. Се прават тренинзи и обуки за спречување  и одговор  во случај на  напади и  инциденти, а во исто време се работи и  на зацврстување на граничните контроли, во соработка со Интерпол и Европол.  Македонската гранична полиција активно работи со соседите АЛбанија, Косово о Бугарија во размена на информации .

Што се однесува до  мерките за спречување на  финаисирање на терористичките активности и перењето пари , Македонија  ги следи  мегународни стандарди , но се забележува дека постојат потешкотии во врска со конфискација и замрзнување на имотот на терористите.

Глобално гледано  бројот на терористички напади во светот во текот на 2017 година е намален за 23 отсто во споредба со претходната година.  Намногу  напади се случиле во  пет азиски земји : Индија,Пакистан,Авганистан, Ирак и Филипините. Главна терористичка закана во светски рамки ,  и покрај загубите на сиријскиот фронт,  се уште е  Исламската држава,  а Иран и натаму е водечка држава  спонзор на тероризмот, укажува Стејт депатментот.