Македонија
28. November 2018 - 11:40

Изречени 19 парични казни за отпад и 15 опомени за палење оган во општина Аеродром

Во текот на овој месец инспекторите од општина Аеродром изрекле 19 парични казни во висина од 50 евра во денарска противвредност за фрлање ѓубре на јавна површина, како и за изложување земјоделски производи на јавна површина. Исто така, имале и три интервенции за палење оган на јавна површина, од кои една во Долно Лисиче и две на улицата „Граврил Константиновиќ“ во населбата Лисиче. За палење оган се изречени и повеќе од 15 опомени.

Како што информираат од општина Аеродром, инспекциските служби во текот на ноември извршиле и мерење бучава на две локации, од кои на едно место е изречена и парична казна за надминување на дозволената граница на бучава.

Овој месец биле исконтролирани сите градилишта на територијата на општината и им се изречени опомени да не ги напуштаат градилиштата со валкани тркала.

Инспекциската служба на Општина Аеродром од 1 ноември работи со продолжено работното време до 22:00 часот секој работен ден. Инспекторите работат во две смени и вршат секојдневни контроли на целата територија на општината од областа на животната средина, загадувањето на воздухот, несовесно фрлање шут и отпад и други нерегуларности.

Службите се дежурни и во викендите, а граѓаните своите забелешки можат да ги пријават на дежурниот телефонски број 075/316-515.