Свет
2. January 2018 - 15:39

Израелски генерал вели дека Иран троши стотици милиони долари на војните во регионот

Началникот на Генералштабот на израелската армија Гади Ајзенкот денеска изјави дека Иран тоши стотици милиони долари годишно во повеќето воени интервенции кои ги врши на Блискиот Исток, вклучително во Сирија, Јемен, Либан, Ирак, Бахреин и палестинската област Газа.

- Иран многу инвестираше во целта да постигне регионална хегемонија, изјави израелскиот генерал во обраќање на универзитет во градот Херцелија.

Најголемата инвестиција, според генералот Ајзенкот, Иран ја врши во Либан, каде ја помага шиитската герилска група Хезболах која беше важен фактор во победата на Башар ал Асад во граѓанската војна во Сирија.

Според проценките на Ајзенкот, иранското вложување само во војната во Сирија од 2012 година до сега изнесува неколку милијарди долари, при што Иранците таму испратиле свои 2.000 воени советници, 10.000 шиитски борци и 8.000 борци на Хезболах.

На протестите што избија во Иран минатата недела, во кои досега се убиени над 20 лица, демонстрантите честопати извикуваат дека сакаат иранските пари да се трошат внатре, во земјата, а не на воени авантури во регионот.